Вработените од Југохром на блокади и на средба кај Димитриев
Вработените од фабриката Југохром од Јегуновце утре од 11 до 13 часот ќе го блокираат патот Скопје - Тетово кај наплатна рампа Желино во двата правци.
Велат дека протестот е поради неправедното исклучување на печките за работа. Синдикалните барања ќе бидат соопштени на протестот.
Во петок тие ќе имаат средба со премиерот, Емил Димитриев.
Раководството на Југохром во ноември лани постапи по одлуката на државниот инспекторат за животна средина, кој донесе решение комбинатот да ги исклучи сите печки поради непочитување на крајниот рок за поставување филтри на оџаците.
Вработените и досега протестираа и беа на средби со надлежните. Повеќе пати посочија дека Тетово е еден од најзагадените градови во Европа иако фабриката не работи. Во прашање се работните места на скоро 1000 работници.
