Вработените од Југохром бараат средба со Ахмети
Вработените од фабриката Југохром од Јегуновце бараат средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Целта на средбата е да се разгледаат алтернативни можности со кои Југохром би можел да продолжи да работи.
„Оваа средба ја бараме од две причини и тоа:цврста определба од сопственикот на компанијата дека ќе инвестира во системот за отпрашување и поставување на филтри кој би се реализирал 70% до крајот на годината, а целсно би се завршил до март 2018 година. Ова би се реализирало доколку се одобри повторно да отпочне со работа компанијата, бидејќи како што сами знаете, и покрај работењето загадувањето во летниот период е минимално, што е докажано. Компанијата би работела се додека загадувањето е во дозволените граници, односно до доаѓање на зимскиот период кога загадувањето е големо од повеќе причини“ - наведуваат од Југохром во барањето до Ахмети.
Тие бараат Ахмети да се заложи за решавање на овој проблем, затоа што од Југохром зависат 700 вработени од различни националности.
Потсетуваат дека и досега имале повеќе средби со надлежните, организираа протести, блокади, но тоа не вроди со плод.
Раководството на Југохром постапи по одлуката на Државниот инспекторат за животна средина, на почеток од ноември лани донесе решение комбинатот да ги исклучи сите печки поради непочитување на крајниот рок за поставување филтри на оџаците.
