Вработените од „Ф-Групација“ будно ги следат информациите - пред притворите добиле ветување дека нема да останат без работа
По пожарот кој го зафати електронскиот отпад на „Ф-Групација“ и пред да биде приведен и ставен во краткотраен притвор, сопственикот им дал ветување на вработените дека ниту еден од нив нема да остане без работа и покрај непроценлвата штета од пожарот, дознава Фактор.
Но, вработените сега чекаат на тоа како ќе тече истрагата и што ќе се случува со сопственикот, управителката на фирмата, но и шефот во складот. Нашите извори стравуваат дека доколку продолжи процесуирањето и се покрене обвинение, а тие останат во притвор, можно е вработените да останат на улица.
Во моментот на избувнување на пожарот, како што дознава Фактор, едниот од вработените кој живеел во близина, ги зел клучевите од две службени возила и ги извадил на безбедно, пред огнот целосно да ги проголта објектите на „Ф-Групацијата“. Подоцна, добил и кислородна поддршка поради вдишаниот чад, но не на негово барање, туку превентивно.
Според последните официјално достапни документи, во фирмата има 15 вработени. На документите како сопственик се уште стои Даниела Налепа Дамеска, која е почината. Управител на фирмата, но и на подружницата „ЕЕ-Рециклажа“ е нејзината ќерка, Лора Дамеска.
Како што претходно пишуваше Фактор, фирмата постои од 1998 година и е основач на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад - членка на меѓународната организација за цврст отпад.
Последната дозвола за фирмата е издадена во 2021 година, а со траење од десет години. Но, за тоа дали дозволата била издадена согласно закон, ќе се утврдува во истрагата, за која министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека ќе биде детална и ќе се оди „најдлабоко што може“. Увид, како што рече Тошковски, може да се врши 24 до 48 часа по целосното гаснење на пожарот, откако ќе се создадат услови за тоа.
Александар Тодески