ВРАБОТЕНИ ВО ЗАТВОРОТ ВО ШТИП СО ДРУГА ВЕРЗИЈА ЗА НАСТАНИТЕ: Го демантираат Пандов, велат се е заведено во рапортни книги
Невистинита, манипулативна, со неточни податоци. Вака ја карактеризираат изјавата на директорот на Дирекцијата за извршување санкции, Александар Пандов и директорот на затворот во Штип, Дејанчо Здравков, дел од вработените во затворот во Штип.
Пандов и Здравков на прес конференција истакнаа дека затворски полицајци му помагале на затвореник да ја бара дрогата фрлена во дворот на затворот.
Во демантот на вработените се наведува дека откако биле забележани лица кои однадвор фрлиле сомнителни предмети преку безбедносниот ѕид, веднаш почнала потрага по нив. Иако ноќната акција не дала резултати, рано наутро бил повторно прегледан периметарот, по што била пронајдена најлонска кеса со прашкаста и тревкаста материја, велат дел од вработените.
„По пронаоѓањето на кесата, веднаш беа известени директорот и СВР – Штип. Полицијата пристигна, изврши увид и предметите беа предадени за понатамошна обработка. Сето тоа е евидентирано во дневниот извештај и во полицискиот билтен. Не е точно дека некој од затворските полицајци постапувал спротивно на законот или во корист на осудено лице.Директорот на установата во случајот со осуденото лице Ж.Ж. лично давал дозволи за посети надвор од работното време, преку телефонски повици до одговорниот на смена. Тој даваше дозволи за вонредни пакети. Сите дозволи се заведени во рапортните книги, но тоа не беше јавно кажано. Време е вистината да излезе на виделина,“ се вели во демантот на вработените, повикувајќи на одговорност, транспарентност и објективно информирање на јавноста.
