Вработен во УЈП барал мито од 300 евра, но тоа скапо го чинело - бил приведен
Вработен во УЈП од Тетово денеска бил приведен поради примање поткуп. Тој од гостиварец побарал 300 евра за да не му биде затворен неговиот објект. Тоа се случило откако пред една недела контролите откриле дека во објектот имало незаконитости.
Но, во соработка со полицијата, овие пари на гостиварецот биле означени, а кога на вработениот од УЈП му биле дадени тој се обидел да се ослободи од нив, но бил „уловен“ од полицајците.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска, околу 12.30 часот, на улица „Кеј Вардар“ во Гостивар, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода М.А.(38) од Тетово поради примање поткуп од лице од Гостивар.
„М.А. како вработен во УЈП Тетово побарал од гостиварецот 300 евра за да не му биде затворен неговиот објект, откако пред една недела при контрола во објектот биле констатирани одредени законски недостатоци. Побараните средства претходно биле крим-технички обработени и му биле дадени на М.А, кој се обидел да се ослободи од нив, но бил фатен и спречен во намерата. М.А. е задржан во Полициската станица Гостивар и во консултација и координација со Јавен обвинител од ОЈО Гостивар ќе му биде изготвен соодветен поднесок“, соопшти МВР.
