Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВРАБОТЕН ВО ПАЗАРНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗАД РЕШЕТКИ: Во повеќе наврати барал пари за прикривање прекршоци

ВРАБОТЕН ВО ПАЗАРНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗАД РЕШЕТКИ: Во повеќе наврати барал пари за прикривање прекршоци

Млад инспектор од радовишкото село Подареш, кој бил вработен во Државниот пазарен инспекторат заврши со лисици на рацете. Како што информира Министерството за внатрешни работи, лишен од слобода е К.Ѓ. 33-годишен испкетор, кој работел во Одделение за инспекциски надзор Струмица со градовите Гевгелија, Валандово и Радовиш.

Тој е уапсен поради сомнение за сторено продолжено кривично дело „примање поткуп“ по член 357, а во врска член 45 од Кривичниот закон, соопштија денеска од МВР.

- На 21.11.2023 осомничениот од двајца жители на радовишко примил 3000 денари, кои претходно ги побарал од нив за да не констатира прекршок согласно Законот за изменување и дополнување на законот за забрана и спречување за вршење на нерегистрирана дејност, односно за да не преземе службено дејствие кое бил должен да го изврши. Во моментот кога е лишен од слобода, кај него се пронајдени парите кои ги примил како поткуп - посочуваат од МВР.

Од дополнително преземените мерки и активности било утврдено дека К.Ѓ. во периодот од јуни до ноември 2023 година во повеќе наврати од жители на Радовиш и радовишко примил пари во вкупен износ од 18.000 денари и 150 евра како поткуп. Во еден случај примил поткуп за да не констатира прекршок по извршен надзор, а во останатите случаи поткупот го примил со цел да не изврши надзор кој бил должен да го изврши.

Како што посочуваат од МВР, К.Ѓ. е задржан во Полициската станица Радовиш и ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица.

Слично

Поврзани вести