„ВОЗЕШЕ 10 НА ЧАС. СЕ ГЛЕДАШЕ ДЕКА КОЛАТА Е ТАЗЕ ЗАПАЛЕНА“: сведокот Гоце Трајковски на денешното рочиште раскажа за потрагата по Вања
На денешното рочиште за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски сведочеше Гоце Трајковски. Тој посочи дека дека освен таткото на Вања не ги познава останатите обвинети за двете убиства. Трајковски при сведочењето откри дека имал закани од членови на партијата Десна, да внимава штои ќе зборува за да не пропадне во бунар.
Сведокот, кој е син на Кираца Трајковска, посочи дека неговата мајка го знаела семјството на таткото на Вања и му кажала да му помогне откако девојчето исчезнало.
Тогаш Трајковски и Александар Ѓорчевски првпат се виделе по што почнале сами да бараат информации за случајот и снимки од безбедносни камери. Тој потврди дека барал од другар полицаец информации дали Вања ја имало на снимките од Сејф сити, по што му било кажано дека цела полиција ја бара и ја нема никаде на снимки.
Гоце Трајковски беше недостапен кога требаше да сведочи бидејќи беше во бегство како осомничен за подметнат пожар.
Судењето доцнеше повеќе од еден час бидејќи немало доволно возила да ги префрлат обвинетите од затвор. За двете убиства се обвинети Љупчо Палевски Палчо, Александар Ѓорчевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев.
Трајковски во судницата раскажа како дошол на идеја заедно со таткото да бараат снимки, а откри и како „цитроенот“, со кој беше киднапирана Вања, му паднал во очи.
Сведокот истакна дека таткото на Вања му ја покажал патеката каде се движела Вања. Тој одел по истиот пат и барал снимки од околните објекти. Во првиот објект му рекле дека снимките не им работеле, а потоа влегле во фризерница, која гледала кон зградата на девојчето. Идејата пак самите да ги бараат снимките ја добиле, како што рече, зошто полицајците ништо не правеле, изгледале како да играат криенка.
- Газдарицата ни даде на телефон да ги гледаме. Ги враќавме камерите назад за да видиме дали ќе помине пешки Вања. Се чудевме зошто локаторот на телефонот покажува дека се движела тука, а таа не поминува. Затоа проверивме дали на камерите ја има мајката на Вања, да не се снимки од друг ден, но неа ја имаше во 7.40 часот како трча испаничено. Девојката снимките ни ги даде на усб - рече сведокот.
По фризерницата, побарал снимки од кафеана во близина, но му кажале дека камерите не снимаат на улица, а претходно биле полицајци и ги земале снимките.
- Потоа се јавив кај другар во ,,Сејф сити” да провери на камерите, случајно да не заминала кон парк. Ми рече дека ја нема на камерите кон паркот. Ми рече дека цела полиција е вклучена и дека сите се чудат дека нема трага, како со хеликоптер да е земена - рече Трајковски.
Потоа сведокот рече дека бил и во една менувачница за да побара снимки, а таму веќе имало и полицајци.
- На снимките видовме девојче 95 отсто облечено како Вања, но мајката ми кажа дека се разликува по ранецот - рече сведокот.
Потоа Александар го повикал во станот да гледаат снимки, зошто бил уморен и му требало помош.
- Во периодот од 7.15 до 7.30 поминаа 15-тина коли и за секоја направивме скриншут. Ми падна чудно што првите поминуваа со 40-50 брзина, а кога помина ,,цитроенот” многу димеше и возеше 10 на час. Се гледаше дека колата е тазе запалена, тргнала од тука некаде, а и прозорите беа замаглени - рече сведокот.
Автомобилот му го посочил на Александар, а тој искоментирал дека немало шанса Вања да се качи во таков автомобил.
Снимката од автомобилите ја пратил на другарот од Сејф сити, а тој го прашал од каде ја нашол колата ,,цитроен”, бидејќи е на велешанец кој исчезнал.
Истакна и дека на таа снимка, од фризерницата, не се гледала регистерската табличка.
Тогаш пребарал на интернет и ја нашол веста за исчезнатиот велешанец, а во исто време наишол и на фотографија од автомобилот, кога бил огласен за продажба, а на неа се гледало таблицата.
Тој додаде дека сомнително му било уште едно големо комбе и пикапот ,,рено кангу”. Кога комбето скршнало на друга страна, во фокусот им останале ,,цитроенот” и ,,реното кангу”, бидејќи возеле во иста насока, и во близина.
На прашањето дали Александар бил грижлив татко, тој посочи дека мајката Зорица му пишала дека не му се верува што и кажала полицијата за вмешаноста на таткото.
- Ми рече дека е многу грижлив татко и дека штом ќе кивнела ја носел на доктор. Пред некој ден ги носел Вања и сестра му, заесно со другарки, во трговски, и ги чекал надвор во автомобилот - рече сведокот.
Во текот на судењето, адвокатот на Љупчо Палевски-Палчо, Јовица Страшевски, побара изземање на судијата, бидејќи како што рече, не го прекинал сведокот и не го предупредил кога им упатил навреди.
Јавноста не го слушна сведокот, но Страшевски истакна дека Трајковски го нарекол психопат, а реагираше и дека судијата менувал прашања на обвинителството, а нивните не ги дозволувал. Адвокатот инсистираше судењето да се прекине, за да се реши за негово изземање, но судијата Ивица Стефановски го продолжи рочиштето.
Фото: Вангел Тануровски
