Црвената нафта во Македонија позеленува
Злоупотребата на црвената нафта, односно користењето на екстралесното масло за домаќинствата, наместо за греење - како дизел гориво за автомобилите, е многу опасно за животната средина, потенцираат еко активистите.
„Користењето на црвената нафта
како гориво во автомобилите е многу опасно, бидејќи таа се продава поевтино од
регуларното гориво, а создава големи проблеми и ја загадува животната средина.
Фактот што црвената нафта често се злоупотребува за бизнис цели, прави и да се
создава нелојална конкуренција на пазарот на нафтени деривати, и воопшто во
економијата во земјава“, вели за Фактор Тони Никушевски, граѓански еко
активист.
Според него, поголемиот дел од горивата во земјава, без разлика дали се за транспорт или за енергетика, не се предмет на контрола од страна на државата и нејзините институции. „Тоа е многу голем проблем, бидејќи дел од горивата можат да содржат голем број на нечистотии и опасни токсични хемиски супстанции“, објаснува Никушевски.
Употребата на екстра лесното масло како гориво за возилата е забрането со законите во земјава. Но, таа практика која датира од поодамна, и натаму продолжува, па оваа нафта често се користи од автомобилите или од камионите, но и од тракторите. Поради фактот што не се спречува, излегува дека државата премолчено тоа го дозволува. Црвената нафта содржи дури 100 пати повеќе сулфур од дизелот, што значи дека за толку е потоксична од тој енергенс. А еден од најголемите проблеми кај нас, особено во зимскиот период, е токму загадувањето на воздухот, кон што во голема мерка придонесуваат и злоупотребите на црвената нафта.
Но за овој проблем од Министерството за животна средина креваат раменици. Велат дека не е во нивна надлежност.
„Енергенсите, односно горивата и нивниот квалитет, се во надлежност на Министерството за економија. Со оглед што не претставува надлежност на Министерството, податоците за употреба на екстралесното масло за домаќинство, како и евентуалните злоупотреби, не се на располагање на Министерството за животна средина и просторно планирање“, одговорија за Фактор од овој ресор.
А токму првиот човек на ова министерство, министерот Насер Нуредини, вчера имаше „неславен“ ден, бидејќи на настан организиран за еколошките проблеми, ги избегна новинарските прашања за аерозагадувањето. Според него, тие биле надвор од темата. Министерот само кусо рече дека за овој проблем се подготвуваат повеќе стратегии, а зборуваше само на англиски јазик.

Од Државниот пазарен инспекторат за Фактор велат дека тие прават контроли врз приватни возила, со цел да проверат дали некои од нив можеби возат на црвената нафта, но нема информација дали и колкумина се казнети за ова дело.
„Државниот пазарен инспекторат врши надзори врз приватни моторни возила, градежна механизација, земјоделска механизација и слично, со цел да се утврди дали истото се користи како погонско гориво“, велат од Инспекторатот.
Пазарните инспектори ги контролираат и фирмите што вршат трговија на мало со нафтени деривати, за да се види дали го продаваат екстра лесното како погонско гориво, но велат дека досега кај нив не се откриени неправилности во овој дел.
„Врз основа на Законот за трговија, Владата секоја година донесува Одлука за забрана на продажба на екстра лесно масло за домаќинство на правните и физичките лица кои вршат трговија на нафтени деривати на мало, производителите, трговците на големо и увозниците, од 15 април до 15 октомври во тековната година. Согласно оваа Одлука, почнувајки од 15 април годинава, Државниот пазарен инспекторат, преку своите подрачни одделенија, изврши околу 350 надзори на фирми“, велат од Инспекторатот.
Доколку фирмата не ја почитува Одлуката за забрана на продажба на маслото за горење, инспекторатот презема соодветни мерки согласно Законот за трговија. Во случај кога правните субјекти и физичките лица ненаменски го користат екстра лесното како погонско гориво, се преземаат мерки соглано Законот за акцизи.
„Во периодот до укинување на забраната на 15 октомври, Инспекторатот изврши контролни инспекциски надзори, и врз основа на предходно утврдената состојба на тотализаторите и висината на екстра лесното во резервоарите, не се констатирани разлики, односно правните субјекти ја почитуваат Одлуката за забрана на продажба на одделни нафтени дертивати“, објаснуваат од Државниот пазарен инспекторат.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, вчера во гостување на телевизијата Телма рече дека знае дека има злоупотреби со црвената нафта, и дека тоа е јавна тајна. Но, тие како институција постапуваат за да ги дознаат бројките, а проблемот ќе биде решен наскоро откако ќе биде ставена во функција мобилната лабораторија, преку која ќе се контролира за да се види каде тоа се користи.
Акцизата на екстралесното масло за домаќинствата во моментов е за девет денари пониска од таа на дизелот. Доколку се изедначи за двата енергенса, тоа би било решение за злоупотребите, но досега од Министерството за финансии немаше таква иницијатива. Од таму, иако баравме, не ни испратија одговор како би помогнале да се надмине овој проблем.
