Возачот што тврдеше дека го возел Туарегот наместо Спасов признал оти лажел
Возачот кој што во петокот тврдеше дека тој го возел Туарегот со кој што дополнителниот заменик министер Диме Спасов предизвика низа инциденти денеска во полиција признал дека лаже.
Фактор од свои извори дознава дека лицето М.Т. денеска по интервјуто на Спасов сам отишол во полициската станица во Карпош каде што кажал дека дал лажна изјава односно признал дека тој не го возел Туарегот.
Имено, како што пренесовме, денеска од МВР соопштија дека Спасов ќе се соочи со три прекршочни пријави.
Од МВР велат дека Спасов прекршочно ќе одговара за напуштање на местото на настанот без за тоа да ја извести полицијата, непочитување на наредбите на полициските службеници но и непрописна брзина на возилото кое тој лично го управувал.
Министерот Спасовски на прес конференцијата ги отфрли сите обвинувања од страна на Спасов дека се работи за криминално-полициска местенка.
За користењето на службеното возило, Спасов се „извади“ така што рече оти имал технички договор за користење на возилото на Агенцијата за вработување бидејќи министерката Ременски не му овозможила поволни услови за работа во рамките на министерството.
