Возачот на ЈСП кој вчера удри во жардинерата: Пријавував дефекти, ми потпишуваа дека е исправен
Возачот на автобусот на ЈСП кој вчера удри во жардинера во Скопје и при тоа повредени беа три жени патнички, денеска рече дека се сомнева во технички неисправно возило кое му го довериле да го управува.
Автобус на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ вчера излета од коловозот на булевар „Гоце Делчев“ во Скопје. Автобус на ЈСП, движејќи се по булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје, излетал од коловозот во близина на клучката со улицата „Филип Втори Македонски“. Инцидентот се случил во 14:50 часот и е пријавен во СВР Скопје.
– Јас го забележав автобусот дека не е исправен. Јас ќе пријавам дефект и утредента истиот автобус го земаме со потпис и печат дека е сервисиран и исправен за линија. Со години сообраќам на линијата 2-ка, од Сарај до Автокоманда и обратно, ги знам најситните дупки. Таа линија ја возам и мене не може вакво нешто да ми се случи. Мене ми побеле коса од волан и сега јас целиот се ежам додека зборувам. Жал ми е за патниците, пред се, кои добија стрес и за мене исто така, рече возачот.
Ферзи Арифи рече дека одеднаш му бил блокиран волан и во ситуацијата самиот се стекнал со повреда.
Во вчерашната сообраќајна несреќа беа повредени три жени, од кои едната се пожалила на болки во колкот, а другите две се здобиле со полесни повреди. Сите три со возило на Брза помош беа пренесени во Клиниката „Свети Наум Охридски“.
Денес конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ) на прес-конференција пред Управната зграда на ЈСП, обвини дека автобусот кој вчера удри во жардињера во близина на ТЦ Мавровка бил технички неисправен.
За новиот директор на ЈСП Драги Кушовски, овие изјави се „паушални“ и смета дека треба да се почека официјалниот извештај на МВР.
