ВОСПИТУВАЧКАТА ДОБИЛА УСНА ОПОМЕНА ЗА „ЖЕНА ОД СУЛТАНА“: Била посветена и им пуштала на децата секаква музика
Се уште не е стигнат извештајот кој треба да го подготви Министерството за труд и социјална политика по извршениот инспекциски надзор во градинката каде воспитувачка им пуштеше турбо фолк музика на децата. Лидија Настевска, директорка на градинката за Слободен печат изјави дека воспитувачката добила усна опомена ама на писмено и дека тоа ќе влезе во досието на воспитувачката.
„Направен е вонреден инспекциски надзор од страна на Министерството за труд и социјална политика, но извештајот се уште не е стигнат до нас. Јас можам да ви кажам дека на воспитувачката и дадов опомена и ѝ укажав во иднина да не ја повтори грешката, рече Настевска.
Сепак Настевска изјавила дека станува збор за исклучително посветена воспитувачка која во повеќе наврати децата ги носела во библиотека, во старата скопска чаршија, во противпожарна служба, со цел да им го направи престојот во градинката поинтересен. Редовно им пуштала и македонски ора, класична музика, но ја пуштила и „Жена од султана“ откако некои деца сами ја побарале.
