ВОНРЕДНА КОНТРОЛА: ДСЗИ ја истражува смртта на седуммесечното бебе на Детска Клиника
„Издадов налог за вонреден инспекциски надзор со сознанија за починато седуммесечно бебе, кое, според директорот на Клиниката, било донесено со сериозни оштетувања на повеќе органи. Ќе ги разгледаме сите аспекти – приемот, здравствената заштита и евиденцијата. Очекуваме утре да имаме поконкретни податоци“, изјави Лазов.
Родителите на бебето тврдат дека првично побарале помош заради црвенило на лицето и нозете. По направени лабораториски тестови, се упатени низ различни клиники во „Мајка Тереза“ и завршиле на Детската клиника, каде што, како што велат, им било одбиено хоспитализирање. По два дена состојбата на бебето се влошила, па повторно го однеле на Детската клиника, каде што било хоспитализирано. Сепак, пет дена подоцна, бебето починало.
Министерството за здравство соопшти дека причината за смртта е сериозен синдром што зафатил повеќе органи. Телото е предадено на обдукција.
Во ноември едно дете на возраст од пет години почина на Детската клиника, а во октомври две деца починаа во истата установа.
