Волкот дојде пред мојата зграда како да бараше спас: Вработена во ЗОО Скопје со сведоштво за дивото животно
Волк кој бил незаконски чуван како домашно милениче вечерва бил заловен во скопска населба и пренесен во ЗОО Скопје, каде ќе биде згрижен и ставен во карантин.
За драматичната ситуација на социјалните мрежи информираше Тинa Мицковска, вработена во ЗОО Скопје, која откри дека животното се појавило токму пред нејзината зграда.
„Другарчето од цело Скопје вечерва баш пред моја зграда дојде како да барал спас... Избегал од некаде каде што несовесно се изживувале и чувале волк на ланец“, напиша Мицковска.
Таа посочи дека волкот бил со каивче и синџир околу себе, видно исплашен, но мирен.
„Со каивче и синџир на себе, исплашен, дури и грицки јадеше кои му ги дадов“, наведува таа.
Мицковска упати благодарност до тимовите на Министерство за внатрешни работи, Град Скопје и нејзиниот колега Сашо Панчев, кој успеал безбедно да го залови и транспортира животното до Зоолошката градина.
Според неа, волкот ќе биде под надзор и грижа на тимот на ЗОО Скопје во наредниот период.
„Животното е питомо и мирно и нема потреба од паника“, истакна Мицковска.
Таа уште еднаш апелираше дека чувањето диви животни како домашни миленици е забрането и опасно.
„Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво на синџир и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување“, порача таа.
