ВОЈНИТЕ СЕ НА ИЛЈАДНИЦИ КИЛОМЕТРИ ОД МАКЕДОНИЈА: Граѓаните сепак се загрижени и ни објаснија зошто
На 28 февруари годинава изби нова војна во светот, односно САД и Израел го нападнаа Иран, и иако оваа војна се случува на илјадници километри од Македонија, граѓаните се загрижени од човечки аспект, затоа што ќе загинат многу луѓе, од економски аспект, затоа што и другите народи ќе трпат последици и безбедносно, размислуваат дека ако големите земја се на удар, тогаш што останува за малите држави.
Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека војните внесуваат несигурност кај нив, страв од инфлација и загриженост во каков свет ќе живеат младите генерации. На европско тло, повеќе од четири години војуваат Русија и Украина.
„И сѐ ќе поскапи и многу млад народ изгина. Тоа е страшно. Тоа се случувало во минатото, сега се повторува и е многу страшно. Никој не е безбеден“, рече Андријана Димитриевска, граѓанка.
Граѓаните велат дека во 21 век земјите треба да се фокусираат на конструктивни политики, а не на војување.
„Војните секако ме загрижуваат и економски и како човек“, додава друга жена.
Експертите веќе предупредија дека ако војната на Блискиот Исток потрае, ќе има инфлација, штети врз туризмот и други сектори.
„Економскиот момент е важен, но за младите повеќе мислиме. Во цела Европа мислам дека е страшно од безбедносен аспект. Ние не можеме ништо да направиме, мали сме и немоќни, големите сили одлучуваат“, рече Жаклина Цветковска, граѓанка.
Во последниве неколку години имаше војни меѓу Израел и палестинската терористичка група Хамас, меѓу Ерменија и Азербејџан, меѓу Камбоџа и Тајланд, во делови од Африка имаше судири меѓу различни воени групации.
„Нашите луѓе брзаа да полнат гориво на бензински. Секогаш кога ќе има природна катастрофа или војна, епидемија, пандемија, сѐ што се смета за невообичаено, а носи преголем стрес ни прави вака. Во прашање е дистрес. Стресот може да биде позитивен или негативен - дистрес. Човекот во својот живот има очекувани кризи, развојни кризи, и тие носат стрес, иако се очекувани, а овие се неочекувани. Се јавува шок и неверување. Немаме идеја како да се справиме со сето тоа и затоа се јавуваат бројни психолошки реакции. Стравот е примарна емоција и има улога да нѐ заштити, но ако трае предолго време, може да премине и во патолошка загриженост. Анксиозноста може да си донесе и други последици. Кога ќе се случи криза, потребно е време на прилагодување, да се навикнеме на новонастанатата ситуација. Сите имаме свои потенцијали коишто треба да си ги зајакнеме“, вели Розита Андонова, психолог.
Таа додава дека треба да се следат релевантни извори, ако некој се интересира за војната, но тоа да не прерасне во опсесија. Вели дека дел од нашинците имаат роднини на Блискиот Исток и тие се загрижени што понатаму. Треба да бидеме информирани што се случува во светот, но тоа да биде умерено. Психологот советува луѓето да имаат дневна рутина, да се дружат, да слушаат позитивни вести.
Сања Атанасовска