Водовод и канализација Скопје: Сите фонтани ќе бидат во функција кога ќе добиеме дозвола
Душко Вескоски, директорот на ЈП Водовод и канализација Скопје, информира дека украсните фонтани Филип Втори, Олимпија и Воин на коњ се функционални и дека нема никакви пречки да работат, додека останатите поголеми од централното градско подрачје ќе почекаат уште две недели.
- Фонтаните на Мост Око, кај црквата Богородица и кај Прометеј во паркот Жена Борец не се во функција и тие ќе проработат за две недели. Исто така и Џампинг џет фонтаната на плоштад „Македонија“ не работи, иако механизмот е подготвен и исправен, затоа што предизвикува собири и за нејзинот пуштање ќе треба да добиеме прво дозвола од Институтот за јавно здравје Скопје. Останатите фонтани кои се под наша надлежност, превземени од Град Скопје, вклучувајчи ја и фонтаната Лотус во Градски парк, може да се исклучат и да не работат само кога претпријатието Комунална хигиена работи на расчистување на сметот, вели Вескоски.
Од ЈП Водовод и канализација велат дека останатите украсни фонтани, кои се во сопственост на Град Скопје, а дадени на одржување на претпријатието, во согласност со временските услови како и развојот на настаните со епидемијата, тековно ќе се пуштат во употреба.
„Фонтаните, кои се во надлежност на општините, не се во надлежност на ЈП Водовод и канализација – Скопје и истите се пуштаат во употреба согласно одлуките на општините. Пред пуштање на фонтаните и чешмите за вода за пиење, истите се прегледани за техничка исправност и во согласност со сите правила и прописи се пуштени во употреба. ЈП Водовод и канализација – Скопје, повикува на одговорност од страна на граѓаните во однос на одложување на отпадот во фонтаните и сите површини кои не се наменети за одложување на отпад. Да покажеме одговорност и да ја чуваме животната средина и отпадот да го одложуваме на соодветно место“, велат од јавното претпријатие.
А.К.
