ВОДАТА ВО СТРУГА Е НЕБЕЗБЕДНА: Како се снаоѓаат стружани додека да се реши проблемот?
Откако надлежните неодамна соопштија дека водата во Струга е небезбедна, жителите си купуваат вода за пиење и готвење, а оние кои имаат можности, си носат од околните села или извори. Велат доколку вакво нешто се случи во екот на сезоната кога има туристи, би било непријатно за гостите кои доаѓаат да одмораат во градот. Во околности кога водата од чешмите е небезбедна за пиење, стружани трошат по 100 или 200 денари дневно за да купат вода.
„Купуваме вода, дали имаме или немаме пари, мора да земеме, никој не нѐ прашува. За капење ја користиме водата од чешма. Можно е да има некои извори по селата, ама не знам, не сум барал. Околу 200 денари дневно трошиме за водата која ја купуваме“, објаснува стружанец.
Друга граѓанка вели дека има извори во Враништа и во Ложани и луѓето можат таму да си наполнат вода.
„Си купуваме вода за пиење. Имало слични ситуации и во лето. Дури не кажат дека е добра водата за пиење, ќе купуваме. Пред една недела се појави проблемот. Околу 100 денари дневно трошиме за да купиме вода. Се надеваме дека брзо ќе го решат проблемот“, вели Тања Ниче од Струга.
Сепак, стружани објаснуваат дека во услови кога водата не е безбедна, најтешко ќе им биде на оние со поголеми семејства.
„Вода си купуваме и за готвење и за пиење. Додека беше многу заматена, кафеава, греевме од купената вода за да се искапеме. Сега се исчисти таа од чешма, иако уште не е кажано дека е 100 отсто безбедна. Водата е нешто основно. Ако таа не е питка и чиста за користење, градот е ништо, затоа што водата го одржува секое населено место. Сега нема туристи во овој период, инаку би било непријатно. Некои жители на Струга одат во селата и полнат вода во шишиња. Дел така се снабдуваат. На тие со поголеми семејства им е потешко, а за пензионерите е малку полесно. Понекогаш се случувало и во минатото да снема вода или да е загадена ден-два и потоа ја чистеа. Буџетот на пензионерите е скромен, а и тие што работат не земаат високи плати, и ова им е екстра трошок. Јас бидејќи сум сама дневно трошам по 2 шишиња вода, односно трошам по 50 денари за вода. Ако се двајца луѓе ќе дадат 100 денари дневно за вода, а ако е поголема фамилија и 200 денари ќе ги чини“, вели пензионерка од Струга.
Луѓето се надеваат дека институциите брзо ќе го решат проблемот со водата за пиење во Струга.
„За пиење си купуваме вода. По една туба од 5 литри е доволна дневно. За готвење гледам да спремам нешто што не бара многу вода. Се прилагодуваме на ситуацијата. Водата е основно средство за живот, тука нема збор“, вели Лила Т.
Жителите се соочуваат со сериозен проблем со водоснабдувањето, откако водата од градскиот водовод беше прогласена за небезбедна за пиење поради зголемена заматеност и сомнежи за загадување. Основното јавно обвинителство во Струга веќе оформило предмет, со цел да се утврдат причините за екстремната заматеност на водата и евентуална одговорност. Како дел од постапката, се врши увид и анализа на водните извори, како и проверка на функционирањето на системот за филтрација и дистрибуција.
Нивото на заматеност на водата на изворот Шум, од каде што се снабдуваат со вода Струга и околните населени места се намалува, но сѐ уште е над дозволеното и забраната за секаква употреба продолжува.
Во 2021 година, водата во Струга половина месец беше заматена и забранета за пиење.
Сања Атанасовска