Водата во Крушево е бактериолошки неисправна
Oд Центарот за јавно здравје – Прилеп соопштија дека водата во Крушево е бактериолошки неисправна.
При редовната контрола на квалитетот и безбедноста е констатирано отсуство на резидуален хлор, како и присуство на бактерии од цревно потекло.
За ваквата состојба денеска, 23 јули 2026 година, веднаш биле известени надлежните државни институции и раководството на ЈКП „Комуна“ – Крушево.
Од ЦЈЗ – Прилеп им препорачуваат на крушевчани за пиење да користат исклучиво пакувана вода.
Водата од градскиот водовод за лична хигиена, подготовка на храна и миење садови може да се користи само по превривање од минимум 10 минути.
Овие препораки ќе важат сè додека не се добијат три последователни исправни примероци од водата.
Испитувањата направени на 20 јули 2026 година покажале бактериолошка неисправност и кај крајпатните чешми „Бензинска пумпа“ и „Св. Петка“, кои исто така не смеат да се користат за пиење.
Од Центарот за јавно здравје – Прилеп најавуваат дека ќе бидат во постојана комуникација со институциите и редовно ќе ја информираат јавноста.
И лани во текот на летото имаше проблеми со водата во Крушево поради присуство на бактерии.
foto freepik.com
