Боцата од Романовце била нелиценцирана, лани 60 пожари предизвикани од гас
Командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, вели дека во текот на минатата година службата интервенирала во 60 наврати на пожари пожари предизвикани од плински боци.
– За среќа во пожарите предизвикани од плински боци во 2019 година нема жртви, но причинета е голема материјална штета, изјави Симоновски.
20-литарската боца за гас што експлодираше во кумановски Романовце, при што загинаа четири лица од кои три деца, а неколку тешко повредени не била лиценциран, односно не била од официјална полначница. Уредот, според Јавното обвинителство, бил отпечатен и нетестиран.
Експертите велат дека боцата експлодирала во делот кај вентилот и оти сликите покажуваат дека нема соодветен сертификат за исправност. Според нив, вообичаено е боцата да попушти на деловите каде е заварувана, но не и кај вентилот доколку е контролирана и сертифицирана. Препорачуваат боците да не се ставаат во близина на грејно тело и да се чистат пред употреба доколку се замастени.
Контрола на исправноста на боцата и на вентилот, според важечките правила во земјава се врши на секои пет години.
Во државата не е прецизирано кој е надлежен за продажба на нафта и нафтени деривати на мало, единствено Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) има надежност за издавање лиценци за работа со нафта и нафтени деривати, но на големо.
– РКЕ има јасна надлежност за издавање на лиценци за вршење на трговија со ТНГ (течен нафтен гас – плин), вклучувајќи ги и сите останати нафтени деривати само на големо. Во останатиот дел во однос на контрола, мониторирање и слично на сите останати садови под притисок надлежноста е кај Државниот технички инспекторат. Ние во сите постапки кога издаваме лиценци за трговија на големо таму каде што има ТНГ резервоари бараме потврди од соодветни институции кои ги издаваат. Со последниот правилник за лиценци дури воведовме и построга контрола во однос на барање содветна документација за противпожарна заштита, но нашата надлежност завршува на трговијата на големо. Понатаму во синџирот на трговија на мало, не само за популарно наречените плински боци, туку и за бензинските пумпи, РКЕ нема надлежност на мониторирање на тој дел од пазарот со нафта и нафтени деривати, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски за МИА.
Макпетрол е единствена компанија со сертифициран сервис за контрола, сервисирање и полнење плински боци. Од таму велат боците да не се полнат кај неовластени бензински станици.
– Боците треба да се купуваат од овластени полначници, бидејќи таму се врши контрола на исправноста на боцата, се чисти и се полни под соодветен притисок. Тоа гарантира висок степен на безбедност, а боците кои се одобрени од надлежни овластени инспекциски тела имаат жиг. Поседуваме современа карусел полнилница во која се врши проверка на наполнетоста на секоја боца, а по завршениот процес на полнење и проверка на исправноста, се врши поставување на специјални заштитни капи на вентилите на боците, со што се гарантира точноста на наполнетоста на боците и нивната техничка исправност, велат од Макпетрол.
Во Македонија е забрането да се полнат уреди на местата што се користат за точење гориво за возилата. Сашо Дамчевски, директор на станицата за полнење на Макпетрол, вели дека граѓаните треба да бидат внимателни при инсталирање на диспензерот и да се придржуваат кон некои основни правила, внимателно да ја проверуваат гумата помеѓу вентилот и регулаторот за притисок.
Експертите велат дека боците за гас треба да се сервисираат по одреден период на употреба.
