Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во знак на солидарност со ЕУ, руски дипломат ќе биде протеран од Македонија

Во знак на солидарност со ЕУ, руски дипломат ќе биде протеран од Македонија

Министерството за надворешни работи соопшти дека донеле одлука од земјава да протера еден дипломат на Руската Федерација заради случајот Скрипал, во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатија од 1961 година.

„Денес ги известивме руските власти за нашата одлука да протераме еден руски дипломат, во тесна консултација со нашите партнери и сојузници, во целосна солидарност со Велика Британија, како и за да ги заштитиме сопствените безбедносни интереси на Македонија“, напиша вчера на Твитер македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.

„Министерството за надворешни работи во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија заради случајот Скрипал“, соопшти МНР.

„Нелегалното користење воено хемиско оружје е спротивно со меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“, се додава во соопштението на македонското МНР.

На ова реагираше руската амбасада и на Твитер профилот објави дека македонската страна ќе ги носи последиците од протерувањето на рускиот дипломат.

„Владата донесе одлука да протера руски дипломат. Целосна одговорност за последиците од оваа провокација и исклучително непријателски чин без преседан во руско-македонските односи ќе ја носи македонската страна“, објави руската амбасада на Твитер.

Британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет ја поздрави одлуката на македонското МНР, да протера еден руски дипломат од земјава.

„Ја поздравувам одлуката на Македонија, како дел од една исклучителна, обединета акција од меѓународната заедница против рускиот напад со нервен гас на британско тло. Моќен израз на солидарност“, напиша амбасадорот Гарет на Твитер.

Рускиот дипломат ќе биде протеран од Македонија во момент кога во најмалку 19 држави во светот денеска се преземаат такви потези поради труењето со нервен агенс на двојниот руски шпион Сергеј Скрипал во британскиот град Солсбери.Од 14 земји членки на Европската унија ќе бидат протерани најмалку 30 руски дипломати во глобална координирана акција како одговор за Москва поради случајот Скрипал.

Слично

Поврзани вести