Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во време на корона Србите најбројни гости во Македонија

Во време на корона Србите најбројни гости во Македонија

Коронавирусот сепак не ги спречи Србите да ја посетат Македонија и во време на пандемија. 

Во месец октомври годинава, Србите биле најбројни гости во земјава, а зад нив се Албанците и Турците. Ова може да се забележи од податоците кои ги објави Државниот завод за статистика. Во октомври, земјава ја посетиле 1.304 српски гости, 1.159 од Албанија и 1.107 од Турција. Во истиот период  имало 501 бугарски турист и 328 грчки гости. Допатувале и скоро 700 косовски туристи, 300 хрватски и 109 босански гости. Од друга страна,  во октомври имало само еден гост од Исланд, по 3 од Естонија и Луксембург, по 2 од Кипар и Малта, 4 од Јапонија. Туристите најчесто го посетувале Скопје, езерата и други места. Пред да почне пандемијата, вообичаено соседите и Турците беа најбројни гости во Македонија.

Крсте Балежески од ХОТАМ објаснува дека овие бројки се многу мали во однос на посетите кои ги имавме пред пандемијата.

„Тоа што имаме најголем број гости од Србија, најверојатно станува збор за патувања со цел посета на роднини, пријатели овде, за некоја бизнис зделка, користење на здравствени услуги, или шопинг за викенд. Наместо да одат до Белград, жителите на јужна Србија можат да дојдат во Скопје затоа што им е поблиску. И нив границите кон Европа им се затворени, исто и за патување во Хрватска имаа ограничување, така што за различни потреби ја посетувале Македонија“, рече Блажески.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во октомври 2020 година изнесува 33.929, а бројот на ноќевањата е 80.612. Бројот на посетители во октомври 2020 година, во однос на октомври 2019 година, е намален за 65.1 отсто, а бројот на ноќевањата се „стопил“ за 59.7 отсто. Бројот на странските туристи е намален за 87.4  отсто.

Претходно, имаше месеци кога Македонија ја посетуваа дури 12.000 туристи само од Турција. Во 2019 година во Македонија имало рекордни 1,2 милиони туристи, или за 5,1 отсто повеќе од 2018-та година.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести