„Во Виетнам јадевме „По“ за 20 денари, во Индонезија ни го хакираа компјутерот“ – Македонката Славица за 9-месечното патување низ Азија
Модерното време донесе нов начин на живот. Сите живееме како некој да мери со стоперка, искалкулирана ни е секоја минута, постојаните работни обврски си го прават своето, а тука се и ангажманите околу децата и ретко кога останува време вистински да се ужива во животот.
Гледајќи наназад, можеби ќе се покаеме за целиот стрес што сме го доживувале поради работата, можеби нема да ни се допаѓа тоа што сме поминувале малку време со нашите деца или родителите, но ова не е случајот кај семејството Кењереш.
Славица Савеска - Кењереш од Скопје, која веќе 14 години живее во Осло, позната на Инстаграм по својот профил @semejstvonapat , е пример за тоа како може да се живее во моментот. Таа заедно со својот сопруг и двете ќерки веќе 9 месеци се на патување во Азија од каде детално известуваат за прекрасните пејзажи, плажи, животот во одредени места, културите, храната, финансиските разлики и слично.
Во интервјуто со Славица за Женски Магазин, разговаравме за нивната патувачка авантура, како изгледа патување со 2 деца, како ги организираат патувањата и за различните искуства од различни држави.

