Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во Виена се слуша македонска тамбура: Александар Арабаџиев ја пренесува нашата музика на студенти од целиот свет

Во Виена се слуша македонска тамбура: Александар Арабаџиев ја пренесува нашата музика на студенти од целиот свет

Во една од најпрестижните музички институции во Европа, во срцето на Виена, се слуша звукот на македонската тамбура – студенти од целиот свет ја изучуваат македонската фолклорна музика благодарение на професорот Александар Арабаџиев, кој неуморно работи на пренесување на нашата култура.

Во Виена Австрија, месецов ќе се одржи концерт на студентите кои одлучиле да ја изучуваат македонската фолклорна музика. 

Во срцето на градот каде компониралe и живеелe великаните како Моцарт, Бетовен, Јохан Штраус - постои група студенти кои учат како се свири на тамбура, а за нивното образование е задолжен Александар Арабаџиев, етномузиколог со потекло од Радовиш.

Александар Арабаџиев денес работи на Државната музичка академија MDW во Виена, на Катедрата по етномузикологија. Таму предава македонска инструментална музика, со посебен фокус на македонската тамбура, а за него ова не е само професија, туку и чест.

„Колку што ми е познато, ова е единствена ваква програма надвор од Македонија, што за мене претставува особена чест и гордост. Во рамките на академијата се изучуваат бројни светски музички жанрови, како и музики на малцински и мигрантски заедници, а во последниве години конечно се појави и поголем интерес за македонската музичка традиција“ – открива во интервју за Женски Магазин, Александар.

Како што ни појасни, освен што работи со своите студенти, тој во последните години го креирал и оркестарот „Александар“ со кој работи на промоција на македонската етно и изворна музика во Австрија и воопшто во светот.

Но, она што најмногу изненадува е што во овој оркестар речиси и да нема Македонци, туку жители на Австрија кои влечат корени од целиот свет, а често му помагаат и со студентите додека се подготвува за концерти со студентите.

Во продолжение проследете го целото интервју со Александар:

ЖМ: Појасни ни повеќе за оркестарот. Дали тоа се студенти од факултетот или луѓе кои пројавиле интерес за македонската музика?

Оркестарот „Александар“ е посебна приказна, но во суштина сè е поврзано.

Интересот за македонските народни инструменти во Австрија започна практично со моето доаѓање на магистерски студии, кога почнав активно да ги промовирам инструментите преку концерти, свадби и различни културни настани.

Денес, членовите на оркестарот се мешавина од студенти и луѓе кои едноставно се заљубиле во оваа музика. Најголемиот дел се Австријци, но има и Македонци, Срби, Бугари, Персијци, Мексиканци, Роми и други. Овој интеркултурен состав му дава посебна вредност на ансамблот.

Често, за факултетските концерти – каде што тамбурата е во фокус, заедно со традиционалните ора – соработуваме со поискусни членови од оркестарот за да се постигне повисоко уметничко ниво. Мојот научен фокус е токму орската традиција како идентитетско обележје во урбаната виенска средина кај заедниците со потекло од денешна Северна Македонија.

ЖМ: Како дојде до идеја да го основаш ансамблот „Александар“ и беше ли изненаден од интересот на Австријците?

Идејата се развиваше постепено, органски, преку работа на терен и директна комуникација со публиката. Искрено, бев пријатно изненаден од интересот на Австријците.

Тие покажуваат голема љубопитност и почит кон традиционалната музика, особено кога таа се пренесува автентично и со ентузијазам.

ЖМ: Кажи ни нешто повеќе за големиот концерт на 28 мај. Што може да очекува публиката?

На 28 мај ќе се одржи голем концерт на Катедрата по етномузикологија, каде што студентите заедно со своите професори ќе го презентираат она што го работеле во текот на академската година. Станува збор за дел од практичната програма на магистерските и докторските студии.

Иако официјалната програма сè уште не е објавена, публиката може да очекува исклучително разновидна музичка вечер, со изведби кои претставуваат различни култури и музички традиции.

ЖМ: Дали освен музиката, студентите се интересираат и за јазикот и културата? Што им е најинтересно?

Интерес постои и за јазикот, но тоа бара повеќе време и посветеност. Најчесто, првиот контакт се случува преку играта, потоа преку свирењето, а преку тој „музички јазик“ постепено се запознава и културата.

За жал, јазикот останува предизвик дури и за самите Македонци во дијаспората. Сè уште нема доволно успешна интеграција на македонскиот јазик во образовниот систем, па често децата избираат други јазици како српски или бугарски како мајчин во училиштата.

ЖМ: Од каде ги набавувате инструментите и како се разви интересот за нивна изработка?

Во текот на годините (од 2012 наваму), преку наставата и проектите, собрав голем број инструменти кои им стојат на располагање на студентите. Сепак, секогаш настојувам секој ученик да има свој инструмент, бидејќи со текот на времето се развива длабока врска – инструментот станува како продолжение на телото.

Инструментите ги набавуваме од мајстори или ги собираме на терен во Македонија. Со време, некои студенти и членови на оркестарот пројавија интерес и за нивна изработка. До сега се изработени кавали, дудучиња и тамбури.

Јас често ги поттикнувам преку раскажување приказни и споделување искуства, што дополнително ја продлабочува нивната љубов кон традицијата. Кога ќе се појави можност за работилници или курсеви, многумина веднаш се вклучуваат. Имаме и бројни идеи за идни проекти во оваа насока, кои се надевам дека ќе ги реализираме.

Македонската традиција како светски музички јазик

Приказната на Александар Арабаџиев покажува дека македонската традиционална музика не е само наследство што се чува во архиви, семејни спомени или сценски настапи дома. Таа може да биде и жив академски предмет, концертна практика и мост меѓу култури.

Кога Австријци, Персијци, Мексиканци, Роми, Македонци и други музичари свират македонски инструменти и учат македонски ора, традицијата добива нов живот.

А можеби токму тоа е најсилната порака од Виена: македонската музика не мора да остане само „наша“ за да биде зачувана. Таа станува уште посилна кога ќе ја засакаат и други. 

Или како што вели и самиот Александар: „убавата енергија, љубовта и меракот кога се споделуваат се дуплираат“.

Билјана С. Боневска

Слично

Поврзани вести