ВО ВАШИНГТОН ОДВОЕНИ, АМА И НА ЗАЕДНИЧКА МАСА - вмровски градоначалници и Арсовска на програма за лидери
ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение до медиумите информираше дека потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и Градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, Претседателот на ЗЕЛС и Градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски се во повеќедневна посета на САД.
„На покана на Амбасадата на САД во Македонија и Американскиот Стејт Департмент Муцунски, Ѓорѓиевски и Коњановски учествуваат во програмата за меѓународни лидери на Владата на САД. Во рамките на нивната посета тие остварија повеќе средби со високи претставници на Стејт Департмент, бизнис заедницата како и тинк-тенк организации во Вашингтон. Клучна тема во нивните разговори беше потребата од засилена борба против корупцијата во Македонија. Во следните денови тие ќе ги посетат градовите Питсбург и Феникс каде со свои соговорници од локалната власт во овие градови ќе дискутираат за создавањето на добри практики во работата на локалната самоуправа“, стои во соопштението од партијата.

Но, она за што не информираа од партијата, е дека друштво на вмровските градоначалници им прави и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Самата Арсовска објави информација и фотографии од нејзината посета на Вашингтон на својата официјална фејсбук страница.


На средбата со претставникот на Стејт Департментот одговорен за Европски и Евроазиски работи, Бенсон Сивек како и со Брендон Банди главен координатор на Глобалната агенција за борба со корупција при Стејт Департментот, разговаравме за пристапите и методите на локалната самоуправа за планирање на буџетот и ефикасно менаџирање со финансиите и ресурсите, со цел спроведување на практики на САД од етичкиот кодекс во јавните институции и како истиот влијае врз транспарентноста, отчетностa и адекватното управување со ресурсите во справување со корупцијата.
На состаноците стана збор и за најдобрите практики кои ги применуваат локалните власти во САД за јавно-приватни партнерства за да се подобрат капацитетите, при што беше нагласено дека постои простор за натамошно интензивирање на соработката помеѓу нашите пријателски држави, размена и примена на искуствата на САД во Македонија во борбата против корупцијата која е рак на македонското општество“, се вели во објавата на официјалната фејсбук страница на Арсовска.
На програмата на САД за меѓународни лидери учествувал и познатиот професор од Економскиот Факултет при УКИМ во Скопје, Борче Треновски.

И тој објави заеднички фотографии со градионачалниците. На една од тие фотографии на фејсбук може да се види дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се во друштво на Арсовска, иако на фотографијата не се еден до друг, туку се сликани заедно со други учесници во програмата.

Инаку, Арсовска стана градоначалник на Скопје како предлог и со сесрдна гласачка поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.
Фото: Фејсбук
