Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во текот на оваа година ОТА овозможила 369 „прислушкувања“

Во текот на оваа година ОТА овозможила 369 „прислушкувања“

Една година откако работи Оперативно-техничката агенција (ОТА) директорот Зоран Ангеловски, во интервју за МИА вели дека во текот на 2019, односно заклучно со месец септември, технички е посредувано во активирање на мерката за следење на комуникациите вкупно во 369 комуникации.

„Имено, ОТА не прави никаква разлика од кого потекнува барањето за следење на комуникациите, важно е да постои соодветна судска наредба. Дали барањето потекнува од Бирото за јавна безбедност, Агенцијата за национална безбедност или кој било друг овластен орган, за ОТА не игра никаква улога“, вели Ангеловски.

На прашањето дали на сигналот на ОТА се приклучени сите органи кои имаат таква потреба според законот, како што се овластените институции за пристап до ПИ-мерките - БЈБ, АНБ, Финансиската полиција, Царинската управа и Военото разузнавање и истражен тим од обвинителството, тој вели дека на сигналот на ОТА се приклучени дел од овластените органи. 

- Што се однесува на останатиот дел од органите, на тоа поле активно се работи и се остварува континуирана соработка помеѓу ОТА и овластените органи, со цел исполнување на техничките, просторните услови и човечките капацитети и овозможување сигнал до оние органи кои сѐ уште не се приклучени, изјави Ангеловски.

ОТА веќе подготвува предлог-решенија за унапредување на процесот на следење на комуникациите, како од технички така и од процедурален аспект. 

- Во интензивна комуникација сме со обвинителствата, судовите и со сите субјекти до кои испраќаме сигнал и во блиска иднина следува советување во кое ќе бидат вклучени сите институции што се дел од процесот на следење на комуникациите, со цел унапредување на процесот, негова ефикасност и сигурност. Исто така, ОТА активно работи на унапредување на нивото на опремата што ја поседува, при што максимално се трудиме да ги следиме сите новитети со цел да одговориме на предизвиците што ги наметнува технолошкиот развој, тврди директорот на ОТА.



Слично

Поврзани вести