ВО СТАНИЦА СЕ ЧЕТИРИ ЛИЦА, СЕ ТРАГА ПО УШТЕ ЧЕТИРИ: Се огласи МВР за инцидентот во М-НАВ
Лице вработено во М-НАВ, заедно со уште неколку непознати лица физички нападнале тројца вработени во институцијата, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
„МВР ја известува јавноста дека во полициска станица се четири лица инволвирани во нападот врз вработени во МНАВ, кој беше пријавен денеска (04.01.2024) околу 15.15 часот и со нив се вршат службени разговори, по што во координација со ОЈО ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така, се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица. Ја известуваме јавноста и дека МВР во наредниот период континуирано ќе ја обезбедува зградата на МНАВ“ велат од МВР.
Претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, претходно објави дека во објектот на контрола на летање дошле неколку возила од кое излегле неколку лица кои влегле во објектот на контрола на летање и предизвикале караница и нападнале вработени во контролата на летање. Според него, возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето.
- Возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето кое е од надворешна фирма на која според наши сознанија ѝ е истечен договорот од пред извесно време а немаме информација дали им е продолжен повторно. Од друга страна не реагирало ни обезбедувањето на М-НАВ кое се наоѓа во самиот објект, наведува тој.
Овој акт на насилство, како што дополнува, не само што претставува закана за секој еден професионалец во контролата на летање туку и за безбедноста во авијацијата.
Нападот се случи по прес-конференција на Тасевски во која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација ( М-НАВ) се очекува од денеска да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, образложувајќи дека оставките се за поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.
