Во средата рекордна потрошувачка на струја во Македонија
Високите температури бележат енормно зголемување на потрошувачката на електрична енергија во земјава. Од ЕВН-Хоме велат дека во првите две недели од јули броилата се движеле побрзо како резултат на употребата на клима уреди за освежување на воздухот во затворените простории. И во средата беше постигнат рекорд, кој за 24 часа ја надмина минатогодишната просечна потрошувачка од истиот период за 3.500 мегаватчасови. За измерените 17 денови од јули разликата е речиси 25.000 мегаватчасови повеќе за истиот период од една година претходно.
„Во првиот дел од месец јули (1-17.07.2024 година) се потрошени 254.492 MW/h електрична енергија, што е резултат на високите температури. Најголема потрошувачка е забележана на 17.07.2024 година (среда) со количина од 17.018 MW/h, што воедно е еден од најтоплите денови во овој период. Минатата година вкупната потрошувачка на електрична енергија за периодот 01-17.07.2023 година изнесува 229.575 MW/h. Просечната дневна потрошувачка за тој период била 13.504 MW/h“, соопштија од ЕВН ХОМЕ.
Инаку, од првиот ден на јули мерните уреди почнаа поскапо да ја пресметуваат струјата. За повеќето потрошувачи, сметките за домаќинствата и малите потрошувачи ќе бидат повисоки за 0,4 отсто.
Зголемувањето на потрошувачката на електрична енергија го преоптовари системот за напојување, што во многу случаи предизвикува и дефекти. Само во четврток во одредени периоди од денот без струја останаа неколку реони на главниот град, за што претходно информираше приватниот оператор.
