Во Србија поставени кратенки NMK како вертикална сигналкзација
Иако не ѝ е местото таму, кратенката „NMK“ ја има насекаде по главниот патен коридор што ги поврзува Македонија и Србија, објави денеска „360 Степени“.
Станува збор за автопат со должина од близу 400 километри на кој на десетина знаци стои кратенката „NMK“ која е предвидена само за возилата регистрирани во Северна Македонија, наместо „MK“, која треба да важи за намени како – патна сигнализација.
Инаку според одредбите од Преспанскиот договор, кратенка од North Macedonia, односно Северна Македонија на англиски јазик, е предвидена само за регистарските таблички. Тоа јасно е наведено во Доворот од Преспа:
Од македонското Министерство за надворешни работи, директорката на Директоратот за билатерални односи со државите од Југоисточна Европа, Јадранка Чаушевска-Димов, вели дека веднаш по ратификацијата на Договорот од Преспа испратиле известување за промените до сите држави членки на Обединетите нации, а во Србија, во меѓувреме, испратени биле и дополнителни дописи.
„По добиените сознанија за несоодветна употреба на меѓународниот код на нашата држава, конкретно врз вертикалната патна сигнализација на автопатот Е-75 на релација Белград – Скопје, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија веднаш по дипломатски пат реагираше до Министерството за надворешни работи на Република Србија за погрешната употреба на меѓународниот код. Оттаму добивме уверување дека станува збор за ненамерен пропуст на тамошните служби задолжени за поставување на патна сигнализација и, воедно, уверување дека истата ќе биде коригирана во најскоро време“, вели Чаушевска-Димов.
За ова разговарале и министрите за транспорт и врски на двете држави, а на средба било потврдено дека станува збор за техничка грешка на вертикалната сигнализација и дека ќе се постави правилниот меѓународен код.
Досега најчестата грешка што ја прават институциите на трети земји, нивните лидери или медиуми е употребата на изведенките „северномакедонци“ или „северномакедонски“.
