ВО СКОПЈЕ СЕ РАЃААТ НАЈМНОГУ НОВОРОДЕНЧИЊА - Наталитетот продолжува да опаѓа, еве ги деталите
Според податоците на Државниот завод за статистика во градските подрачја лани се евидентирани 10.866 живородени деца или 60,1 отсто од вкупниот број на живородените деца во земјава, додека 7.207 или 39,9 проценти се живородени деца во селските подрачја.
Најголемо учество во однос на вкупниот број раѓања има Скопскиот регион со 39,6 отсто, а најмало Источниот регион со 6,6 проценти.
Во градските подрачја умреле 14.354 лица или 63,9 отсто, а 8.105 или 36,1 процент умреле во селските подрачја. Најголемо учество во однос на вкупниот број умрени лица по региони има Скопскиот со 31 отсто, а најмало Североисточниот регион со 7,7 проценти.
Во градските подрачја умреле 34 доенчиња, додека во селските подрачја 24.
Природниот прираст кај населението e негативен и во градските подрачја е -3 488 лица, a во селските подрачја -898 лица.
Од вкупниот број склучени бракови, 6.975 или 51,1 отсто се во градските подрачја, а 5.907 или 45,9 проценти во селските подрачја.
Во градските подрачја имало 1005 разводи, односно 62,3 отсто, додека во селските подрачја 608 односно 37,7 проценти од вкупниот број разводи.
Податоците за внатрешните миграции, покажуваат дека најголемо учество од 37,9 отсто имаат преселбите од село во град, наспроти меѓуградските преселби со 9,4 проценти. Во вкупните миграции на ниво на регион од село во град, најголемо учество има Источниот регион со 49 отсто додека во Полошкиот регион најголемо учество имаат меѓуселските преселби, кои учествуваат со 54,4 проценти.
Салдото на надворешните миграции е најголемо во Скопскиот регион, 1 450 лица, а најмало во Југозападниот регион, односно -172 лица.
