ВО СКОПЈЕ 171, ВО ТЕТОВО 135 - расте бројот на активни случаи, неколку града се на удар
Вчерашната бројка на 81 новозаразени дополнително ја зголеми загриженоста, откако овој тренд е во постојан пораст неколку дена.
Откако вчера на листата се додадоа 81 нов случај, бројката на активни случаи се искачи на 525.
Министерот за здравство Вено Филипче вчера рече дека и покрај растечкиот тренд, притисок во болниците и амбулантите нема. На Инфективната клиника се лекуваат околу 15 пациенти.
Според него, очигледно е оти нема да запре трендот на појава на нови соеви на вирусот, и многу веројатно е дека делта сојот нема да биде последниот.
„И покрај тоа што е сега прилично мирно, можно е овој тренд на пораст да продолжи и понатаму,“, рече Филипче и рече дека будно ја следат состојбата. Во зависност од неа, здравствените власти ќе разговараат и за евентуални рестриктивни мерки, прво насочени кон оние кои не се вакцинирани. Постои можност да се оди по примерот на некои други земји во делот на ограничување на влезот во затворени простории, поточно, да се бара задолжителна потврда за вакцинација.
Инаку, вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.380 бројката на оздравени пациенти е 150.362, на починати е 5.493.
Дистрибуцијата на активни случаи по градови е следна: Скопје 171, Куманово 59, Прилеп 11, Тетово 135, Битола 18, Велес 5, Гостивар 36, Кавадарци 3, Охрид 8, Штип 5, Струмица 12, Струга 6, Кочани 6, Кичево 15, Гевгелија 2, Свети Николе 3, Радовиш 3, Берово 2, Делчево 1, Дебар 17, Валандово 5, Пехчево 2. Во останатите градови нема активни случаи.
