ВО ШТИП ЌЕ СЕ ОТВОРИ ПОЧЕСЕН КОНЗУЛАТ НА УНГАРИЈА - претседателката на ССК ќе биде новиот почесен конзул
Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, ќе биде почесен конзул на Унгарија во Штип, во почесниот конзулат што ќе биде отворен.
Оваа одлука ја донела Владата на седница одржана пред новогодишните празници, поточно на 29 декември, а за неа денеска известија и од ССК.
„Владата на седница одржана на 29.12.2020 година, донесе одлука за отворање Почесен конзулат на Република Унгарија во Штип, а Данела Арсовска е нов почесен конзул. Владата го задолжи Министерството за надворешни работи да ја спроведе оваа одлука, а истата стапи на сила наредниот ден од денот на објавувањето во Службен весник односно од 30.12.2020 година“, се вели во соопштението од Сојузот.
Оттаму нагласуваат дека Арсовска, како претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, активно работи на развој на македонската економија на национално и промоција на меѓународно ниво, како и на подобрување на надворешната трговска размена, со цел намалување на трговскиот дефицит и зголемување на економскиот раст.
„Арсовска пред една година стапи на највисоката позиција во раководството на World Chambers Federation, која раководи со стопанските комори од целиот свет, информација која одекна глобално со оглед на фактот што само 4 жени во светот се носители на таа функција“, потенираат од ССК.
