Во северна Македонија најмногу дожд, еве колку наврна
До 13 часот денеска најмногу дожд падна во Куманово – 20 литри на метар квадратен, во Скопје Петровец 16, Скопје Зајчев Рид 11, Лазарополе 4 и помалку од 1 во Маврово и Тетово, соопштија од УХМР.
Во пладневните часови преку северните делови од земјата започна да преминува бран од врнежи проследени со грмежи и повремено пороен дожд.
Под влијание на оваа влажна и нестабилна воздушна маса најмногу беа зафатени северозападните делови од земјава, а потоа и регионот на Скопско.
Нестабилното време се префрли од западните делови од Скопската котлина преку централното градско подрачје понатаму кон исток, а имаше појави на пороен дожд, грмежи и засилен ветер чија брзина повремено надминува 80 км/час.
Нестабилноста во моментов е на североистокот од земјата и врнежите и грмежите во следните часови ќе се преместува кон исток, а можно е таму и дa се прошират.
Во Скопскиот регион и натаму има услови за појава на повремен поинтензивен дожд и ретки грмежи и тоа претежно преку денот и во вечерните часови.
