Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во Сенатот предложена заедничка резолуција за поддршка за договорот за името

Во Сенатот предложена заедничка резолуција за поддршка за договорот за името

Сенаторите Крис Марфи и Рон Џонсон му предложија на Сенатот заедничка резолуција со која се поддржува договорот за името меѓу Македонија и Грција и се изразува загриженост поради руското мешање и обидите за негово поткопување.

Во резолуцијата 602 што ја претставија, се вели дека премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас постигнаа историски договор за решавање на повеќедеценискиот проблем. „Ако биде ратификуван, договорот ќе и го отвори патот на „Република Северна Македонија“ да се приклучи во НАТО и ЕУ, ќе ја острани ранливоста во Западен Балкан и ќе ја намали можностите за руско мешање. Русија се обидува да ја поддржи опозицијата за поткопување на договорот, на што Грција одговори со протерување четворица руски дипломати“, стои во резолуцијата.


За сенаторот Марфи овој договор меѓу владите во Скопје и Атина треба да биде поздравен и оценет како голем дипломатски успех. „Ништо нема да го запре Путин да предизвикува поделби меѓу земјите во Европа и на Балканот. Овој договор помага и за зацврстување на НАТО и на ЕУ, и ние сега мора да работиме заедно за да и покажеме на Русија дека нејзиното нелегално мешање во внатрешните работи на други земји нема да успее“, истакна тој.

Од друга страна, сенаторот Џонсон го оцени договорот како исклучително позитивен не само за двете земји, туку и за целиот регион. „Им честитам на Македонија и Грција за постигнатиот договор што го решава проблемот со името и и овозможува на Македонија да тргне напред и да се приклучи во НАТО“, истакна Џонсон.


Резолуцијата за договорот меѓу Македонија и Грција е поддржана и од сенаторите: Марко Рубио, Џон Барасо, Едвард Марки, Крис Кунс, Џин Шахин и Џим Риш.

Во документот поддржан и од републикаците и од демократите во Сенатот, се бара од Македонија да продолжи со имплементирање на реформите важни за членство во НАТО и ЕУ, особено поврзани со владеењето на правото, борбата против корупцијата и заштита на слободата на изразување. Исто така се бара од Стејт департментот на САД, од Одделот за трговија и другите релевантни агенции да ги поддржат американските компании кои се заинтересирани да инвестираат во Македонија и Југоисточна Европа.

Слично

Поврзани вести