Во првите 100 часа од војната, Американците „изгореа“ речиси 6 милијарди долари!
Првите 100 часа од американско-израелските напади врз Иран ги чинеле САД најмалку 5,82 милијарди долари, покажуваат проценките на турската агенција „Анадолија“. Сумата претставува околу 0,69 проценти од целокупниот американски одбранбен буџет за 2026 година.
Само во првите 24 часа од операцијата, американските сили потрошиле околу 779 милиони долари, додека како што продолжувале операциите, оперативните трошоци достигнале околу 3,3 милијарди долари, според податоците на Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS).
Покрај директните воени трошоци, САД претрпеле и значителни загуби во воена опрема поради иранските одмазднички напади. Проценките покажуваат дека е уништена или оштетена американска воена техника во вредност од околу 2,52 милијарди долари.
Најголемата загуба е радарскиот систем за рано предупредување AN/FPS-132, вреден 1,1 милијарда долари, кој се наоѓал во американската воздухопловна база Ал-Удеид во Катар и бил погоден од иранска ракета.
Дополнително, во инцидент со пријателски оган биле изгубени три авиони F-15E Strike Eagle, со проценета вредност од 282 милиони долари, додека американските власти потврдиле дека се соборени и три беспилотни летала MQ-9 Reaper, вредни околу 90 милиони долари.
Иранските напади погодиле и инфраструктура на американската морнарица во Бахреин, каде биле уништени сателитски комуникациски терминали и повеќе објекти, како и неколку радари во Кувајт.
Дополнително биле оштетени и делови од радарските системи на антибалистичкиот ракетен систем THAAD, при што секој од овие радари се проценува на околу 500 милиони долари.
Покрај загубите, огромни се и трошоците за воените операции. Анализите покажуваат дека само за надополнување на потрошената муниција во првите 100 часа ќе бидат потребни околу 3,1 милијарда долари, а дневните трошоци на операцијата се проценуваат на повеќе од 750 милиони долари.
Во регионот и понатаму се распоредени американските носачи на авиони „Абрахам Линколн“ и „Џералд Р. Форд“, чие присуство чини дополнителни околу 15 милиони долари дневно.
Според проценките, американските системи за противвоздушна одбрана досега испалиле околу 180 пресретнувачки ракети SM-2, SM-3 и SM-6, 90 ракети „Патриот“ и 40 ракети THAAD за пресретнување на иранските напади.
Курир.рс