ВО ПРЕСРЕТ НА ДОАЃАЊЕТО НА ХАН: Најавени масовни протести против албанската платформа
Денес попладне во 43 града на земјава ќе се одржат протести за зачувување на единството и територијалниот интегритет на Република Македонија.
Протестите, во кои организаторите очекуваат да се вклучат над 200 000 луѓе, се организираат од граѓанското здружение „За заедничка Македонија“.
Според најавите се очекува ова да биде најмасовниот протест против т.н.. „Албанска платформа“ и ќе се одвива токму на денот на пристигнувањето на еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје.
Европскиот дипломат ќе се сретне со политичките лидери во земјата за да се обиде да им помогне за изнаоѓање на излез од политичката криза.
Ситуацијата во земјава се искомплицира откако беше изготвена т.н.. „Албанска платформа“.
Овој документ беше потпишан од три албански партии - ДУИ на Али Ахмети, Движење "Беса" на Билал Касами и Албанскиот сојуз на Зијадин Села при што стана услов за поддршка со потписи на СДСМ .
Претседателот Ѓорге Иванов пак се противи и вели дека нема да дава мандат за составување на влада на ниту една партија или коалиција, ако таа не се откаже и не ја осуди „Албанската платформа“.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев побара мандат и претстави потписи за доказ како парламентарно мнозинство.
Денес во Собранието ќе се одржи координација за конститутивната седница на новиот парламент, кој практично не функционира по одржувањето на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември минатата година.
