Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВО ПОНИКВА ЌЕ СЕ ЛЕКУВААТ ПОВРЕДЕНИ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ - нова одлука со која одмаралиштето се пренаменува во објект за рехабилитација

ВО ПОНИКВА ЌЕ СЕ ЛЕКУВААТ ПОВРЕДЕНИ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ - нова одлука со која одмаралиштето се пренаменува во објект за рехабилитација

Владата следната недела ќе донесе Одлука со која одморалиштето „Пониква“ ќе му се отстапи на Министерството за здравство како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација на  повредените во пожарот во Кочани.

Како што соопшти владината портпаролка Марија Митева, одморалиштето има 27 соби и 56 легла, а е лоцирано во природна и мирна средина што го прави погодно за пациентите.

- Денес сакам да ја информирам јавноста за уште една конкретна и суштинска мерка и одлука којашто ќе биде преземена, а е во насока на подобра нега и згрижување на повредените во трагедијата во Кочани.

Владата во текот на следната недела ќе донесе одлука со која одморалиштето Пониква, кое е во сопственост на Министерството за внатрешни работи, ќе се стави на располагање на Министерството за здравство, за да се користи како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација - укажа Митева. 

Таа појасни дека одморалиштето Пониква лоцирано е во природна и мирна средина, што го прави исклучително погоден простор за пациентите кои се веќе во фаза од лекувањето во која е неопходна физикална и работна терапија. 

- Станува збор за пациенти кои се веќе стабилизирани, но кај кои постои реална потреба за понатамошен третман, се со цел да се спречат и намалат долгорочните последици од изгорениците, како и други можни компликации коишто се поврзани со подолготрајното лекување.

Во моментот се работи на детален оперативен план за распределба и згрижување на пациентите, во соработка со Министерството за здравство и медицинските тимови, кои ќе ја понесат својата опрема во одморалиштето Пониква и ќе обезбедат континуирана медицинска нега директно на терен.

Ќе се направи план пациентите да бидат распределени во неколку групи и циклуси на терапија, се со цел да се овозможи персонализиран пристап кон секој поединечен случај, во согласност со препораките на лекарите - посочи Митева. 

Таа дополни дека покрај медицинската грижа, оваа мерка има и важен психолошки и социјален аспект. Овозможувањето на престој во ваков тип на објект ќе придонесе за меѓусебна поддршка помеѓу пациентите и подобрување на нивната психо-емоционална состојба.

- Особено важно е да се нагласи дека, според медицинските проценки, пациентите не смеат да бидат изложени на директно сонце и високи температури, а истовремено, не треба да се соочуваат со дополнителен физички и логистички напор. Затоа, Пониква ги нуди сите предуслови за ваков тип на згрижување.

Очекуваме во најкус можен рок да ги завршиме сите овие процедури и институционално да ги донесеме овие одлуки, медицинскиот кадар да контактира со сите пациенти, по што ќе започне сместувањето и спроведувањето на терапиите, согласно веќе утврдениот план.

Почитувани граѓани, оваа мерка е институционален одговор, израз на одговорност и посветеност кон секој поединец. Нема ништо поважно од човечкиот живот и достоинството на луѓето, затоа како Влада ќе продолжиме да делуваме одлучно, организирано и со целосна грижа кон пациентите - заклучи на крајот портпаролката на Владата. 


Слично

Поврзани вести