ВО ОВАА ДРЖАВНА ИНСТИТУЦИЈА „ТЕЧЕ МЕД И МЛЕКО“ – не за џабе важат за најатрактивни, годинава со повеќе пари за вработените
Агенцијата за цивилно воздухопловство во годината што почнува, само за плати на своите вработени ќе потороши рекордни 194,5 милиони денари, или 3,1 милиони евра.
Ова го покажува најновиот Годишниот финансиски план на Агенцијата за тековната 2026 година доставен до Собранието. Со оваа инситуција сега раководи директрот Драги Стојановски, а за реализација на овој план одобрен од Управниот одбор на АЦВ потребна е и согласноста од народните избраници.
Сумата која ја планира АЦВ за плата за следната година се однесува на вкупниот износ кој ќе им биде потребен за исплата на платите и придонесите на вработените во агенцијата.
Согласно најновите податоци излегува дека АЦВ за палти и придонеси годинава ќе дели просечно по 16,2 милиони денари месечно.
Ова значи дека институцијата која е всушност воздухопловна власт во земјава, и која согласно Годишната програма за работа, има 82 вработени лица, просечни примања или трошоци за еден вработен достигнуваат неполни 200 илјади денари бруто. Точните пресметки велат дека месечно за еден вработен трошокот во АЦВ достигнува 197,6 илјади денари за плати и придонеси или над 3 илјади евра (3,214 евра).
Ова значи дека месечно вработените во АЦВ добиваат по 130 илјади денари проесечна плата, или поточно според овие бројки, просекот за сите вработени изнесува 129.112 денари месечно.
Бидејќи оваа сума е за сите вработени, реалноста е дека поради хиерариската поставеност во Агенцијата, како и во сите компании, раководните лица земаат далеку повисоки плати, за разлика од оние кои имаат пониски позиции.
Во Финансискиот план од АЦВ напишале дека трошокот за плати ќе се користи за покривање на основната плата, здравствено и пензиско осигурување, надоместок за успешност, ноќен труд, празнична работа, прекувремена работа, и останати надоместоци од плата согласно Законот, Правилникот и колективниот договор.
- Во расходната ставка 421 - плати и надоместоци на плата за 2026 година планиран е износ на средства од 194.500.000,00 денари. Средствата ќе се искористат за покривање на основна плата, надоместоци на плата, здравствено и пензиско осигурување, надоместок за успешност, празнична работа, прекувремена работа и останати надоместоци на плата, во согласност со ПОЗИТИВНИте законски одредби, Правилник за плати и Колективен договор – се истакнува во извештајот доставен до пратениците.
Инаку за споредба, минатата година вкупните трошоци на АЦВ за плати достигнувале 188,7 милиони денари, и се планира раст од 3,07 отсто за оваа година.
Изработувачите на годишниот план потенцираат дека „примањата на вработените треба да се во согласност со меѓународните стандарди и препораки за нивото на платите во државните надзорни тела, усогласени со висината на платите во субјектите од авиоиндустријата“.
Според нив, со оглед на вкупната економска состојба, животниот стандард и актуелните примања во државната администрација, платите во Агенцијата се пониски од платите на вработените во регулаторните тела во соседните држави, како и во останатите држави со слично ниво на развој на националната авиоиндустрија.
Поради овие причини, од Агенцијата посочуваат дека имаат потешкотии при обезбедување на високо стручни воздухопловни кадри, со потребните обуки, стручни познавања и работно искуство, кои вршат надзор над работата на субјектите во авиоиндустријата.
- Нивото на платите на вработените, посебно на високо стручните воздухопловни кадри од основната дејност, мора да обезбеди мотивациона активност за остварување на квалитетен надзор врз учесниците во авиособраќајот, да создава услови за подигање на одговорноста во работењето и професионалниот однос, а со тоа и подигнување на нивото на безбедноста и сигурноста на воздушниот сообраќај во државата.
Во согласност со стандардите и препораките на Европската комисија за јакнење и унапредување на воздухопловниот кадровски потенцијал, поради одлив на високо стручен воздухопловен кадар во претходните години и пензионирање на вработени,Агенцијата својот кадровски потенцијал ќе го подобрува и во 2026 година.
Со овој финансиски план се обезбедени средства за нови вработувања, во согласност со донесениот Годишен план за вработувања на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2026 година, кој е изработен врз основа на Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работни места, како и реално утврдените потреби од стручен кадар – се потенцира во објаснувањето за планот за трошоците за плати за вработените на АЦВ.
Сепак, во истиот нема најави колку нови вработени би биле примени оваа година, ниту пак во кој сектор. Од податоците од Годишниот план за работа на АЦВ, се гледа дека најмногу вработени и тоа 36 лица има во Секторот за поддршка, и по 14 лица во Секторот за безбедност на летачки операции и Секторот за аеродроми и воздухопловна навигација.
П.О.
