Во Oдбрана на Дебар Маало го крена гласот
Во Oдбрана на Дебар Маало бара да се спроведува законот за
заштита од бучава во животната средина и одлуката за урбана
опрема на Град Скопје во Дебар Маало каде бучавата и
окупирањето на тротоарите од угостителските објекти сериозно го
нарушува квалитетот на живеење. Во продолжение ви го пренесуваме нивното соопштение.
Веќе подолго време граѓаните на Дебар Маало (а особено некои делови како Ленинова, Пиринска и др.) живеат среде бучава која е неколкупати посилна од дозволеното, а која доаѓа од некои од угостителските локали. Овие угостителските локали на незаконски начин поставуваат звучна опрема на летните тераси (нашите тротоари), без никаква акустичка бариера и создаваат акустично загадување до доцните вечерни часови. Граѓаните се жалат дека не можат да спијат, дека нивниот живот е нарушен.
Истовремено, некои од локалите целосно ги окупираат тротоарите и оставаат мала или речиси никаква можност пешаците да ги користат. Граѓаните се приморани да се движат на самиот коловоз каде им е загрозена безбедноста. Некои од локалите отстапуваат од законските прописи кои дефинираат тоа што е летна тераса и имаат изградено подови и покриви. Со тоа тие се де факто дивоградби коишто ја нарушуваат безбедноста во сообраќајот. Во одбрана на Дебар Маало и соседи од станбените згради на потегот околу раскрсницата на ул. Пиринска и ул. Ленинова доставија официјално барање до општината Центар итно да се решат овие проблеми.
Дописот содржи предлози за низа итни, среднорочни и долгорочни мерки и преглед на релевантната законска рамка. Во Одбрана на Дебар Маало и граѓаните на градската четврт во никој случај не се против егзистенцијата на вработените во угостителските локали во Дебар Маало и како и во случајот со пазарчето Буњаковец (за чие зачувување работиме) ќе се заземеме за остварувањето на правото за работа во нашата општина. Ние го креваме нашиот глас против хаосот којшто во моментов е создаден и неможноста да живееме во услови каде бучавата не е во законски рамки.
Долгорочно сметаме дека локалите на Ленинова и Пиринска го немаат интересот да продолжат со оваа практика бидејќи сѐ поголем е бројот на нашите сограѓани кои ги бојкотираат локалите каде се нарушуваат законските рамки прекумерна бучава и слободен простор за движење на тротоарите. Во одбрана на Дебар Маало e самоорганизирана група на жители од Дебар Маало и Буњаковец во Скопје која на доброволна основа работи на артикулирање на барањата на граѓаните во градската четврт Дебар Маало 1 и 2 и пошироко што се во колектвиен интерес, а коишто сакаат да одлучуваат за градското живеење во услови кога општината Центар и градот Скопје наместо да воспостават ред создаваат хаос и креираат урбана политика водени од индивидуални и тесни интереси или поврзаност со приватни фирми.
Покрај нашите забелешки околу деталните урбанистички планови за Дебар Маало, Буњаковец и Градски Парк и опасноста од небезбедно планирање на урбаниот простор и понатамошна загуба на зелени површини, ние, жителите на населбата, а особено оние коишто живеат на улица Ленинова и Пиринска секојдневно се соочуваме и со прекршувања на законот за заштита од бучава во животната средина и уредбата за поставување урбана опрема со што се нарушува квалитетот на урбаното живеење.
Како самоорганизирана група граѓани коишто живеат во населбата подготвени сме да
соработуваме со сите надлежни институции и локалите во населбата со цел да најдеме
решенија кои ќе ни овозможат нормални животни услови како и угостителска дејност
којашто ќе биде во рамките на законот за угостителска дејност, велат од групата Во Oдбрана на Дебар Маало.
