Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во Нов Зеланд се слушаат македонски композитори и црковна музика: Ирена и Саше таму создадоа камерен хор од кој се фасцинирани сите

Во Нов Зеланд се слушаат македонски композитори и црковна музика: Ирена и Саше таму создадоа камерен хор од кој се фасцинирани сите

“Пеењето на композиции на македонски јазик ни го зајакнува чувството за национален идентитет и чувството за нашата македонска култура. “-велат Ирена и Саше Ангеловски, кои својот дом во Македонија го заменија со оној во Нов Зеланд. Водени од чувството да создадат едно катче каде Македонците, но и сите љубители на музиката ќе се дружат, го создаваат Македонскиот камерен хор, кој веќе започна со проби. Двајцата професионални музичари, таа од Битола, тој од Штип, својата љубов кон музиката после ангажманите во Македонската Опера и Балет во Скопје, музичките училишта во Битола и Скопје, ја пренесуваат во Нов Зеланд на тамошната оперска сцена, но и сега преку камерниот хор.

Имено Саше е член на хорот во Операта на Нов Зеланд, а Ирена наставник по пијано и клавијатури во едно од најголемите приватни училишта во Окленд, како и истражувач-докторант на тамошниот Универзитет. Хорот засега брои 9 членови, а овој млад брачен пар се надева дека бројката ќе се зголемува. Хорот ќе изведува музика од македонски композитори и со тоа да ја промовира македонската музика и култура. За тоа како започна целата приказна со идејата за формирање на хорот велат:

„По посетата на неколку културни настани, концерти и фестивали за време на нашиот престој во Аотеароа/Нов Зеланд, забележавме отсуство на македонската култура и традиција на тукашната културна сцена. Со Саше решивме да направиме иницијатива за формирање на Македонски Камерен Хор во Окленд чија цел ќе е промовирање, зачувување и унапредување на македонското културно наследство-музичко творештво. Оваа идеја ја споделивме со членовите на македонската заедница во Окленд и на наше големо задоволство идејата беше пресретната со голема поддршка и интерес.“

 “

*Со сопругот се одлучивте за голем чекор односно да формирате Македонски камерен хор. Како дојдовте до оваа идеја?

Ирена: Културната разновидност во Аотеароа/Нов Зеланд зазема значајно место во многу државни легислативи, закони и официјални документи. Со цел промоција на културниот диверзитет, се организираат многу фестивали, концерти и настани каде етничките групи можат да ја промовираат својата култура, јазик, традиција и обичаи. Двајцата сме музичари со долгогодишно искуство на македонската и странската музичка сцена, па одлучивме да покренеме иницијатива со која ќе создадеме Македонски Камерен Хор и да се обидеме да го збогатиме културниот живот на Македонците во Аотеароа/Нов Зеланд.

*Која е целта на истиот и колку членови брои засега?

Саше: Целта на Македонскиот Камерен Хор е промоција на македонската култура и македонското музичко творештво, но и можност за раздвижување и збогатување на културниот живот на македонската заедница во Аотеароа/Нов Зеланд. Хорот моментално брои 9 членови. Тоа се Вероника, Благица, Душко, Ѓоко, Зоран, Драган, Столе и Ирена и јас. Иако бројката е мала, радува фактот што имаме членови од повеќе генерации меѓу коии членови со богато хорско искуство но и членови кои прв пат се вклучуваат во хорската уметност со голем ентузијазам, кои се надевам уживаат во пробите и композициите што ги работиме.

*Каква е атмосферата на пробите?

Ирена: Се гордеам со ентузијазмот и посветеноста од сите нас. Возбудата и адреналинот пред секоја проба се константно присутни, делумно поради одговорноста на нашата улога во хорот, но најмногу поради тоа што правиме нешто во коешто уживаме.
Кога ќе прозвучат првите хармонии чувството е прекрасно и незаменливо. Тоа е влог од сите нас, со цел да правиме музика во којашто сите ќе уживаме. Пеењето на композиции на македонски јазик ни го зајакнува чувството за национален идентитет и чувството за нашата македонска култура.

Повеќе на Женски магазин овде

Слично

Поврзани вести