Во Неготино почина 56-годишен пациент позитивен на Ковид, во Кавадарци засега мирно
Утринава почина 56-годишен пациент од Неготино, позитивен на корона вирусот, потврди за Фактор епидемиологот од Центарот за јавно здравје Кавадарци, д-р. Ристе Јовановски.
-Пациентот повеќе месеци беше во тешка состојба и со други здравствени проблеми. Тој беше хоспитализиран од 24. мај прво на неврологија, па потоа префрлен во ГОБ „8 Септември“, поради тоа што се зарази со корона вирусот. По интензивно влошување на неговата состојба, пациентот утринава почина, вели д-р. Јовановски.
Истовремено, д-р. Јовановски за Фактор вели дека се уште под постојана контрола се заразените работници од двете фабрики, Фени и Дрекслер Маер, нагласувајќи дека немаат се уште изразени симптоми на болеста и покрај тоа што се позитивни на Ковид-19.
-Состојбата од вчера им е непроменета и на двајцата, но во случај и на најмал знак, тие знаат дека треба да се јават на своите матични лекари. И понатаму остануваат во изолација, како и нивните контакти, кои исто така ги следиме постојано, вели д-р. Јовановски.
А. Б.
