ВО МОМЕНТОВ НЕМА ПРЕГОВОРИ: Мицкоски би разговарал за „Германски предлог“, ако не задира во идентитетски и суштински карактеристики
Нема преговори за „Германски предлог“, кој би значел арбитража ако понатаму во преговарачкиот процес има обиди да се вметнат како услов и идентитетски и историски прашања, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Нема никакви преговори во периодов. Не очекуваме оваа тема да се отвара во периодот кој следи. Нашиот став е јасен, ние сме свесни за реалноста, за предавничката и губитничка политика на претходната влада на СДСМ и ДУИ, се бориме со нашите аргументи, тоа што може да се исправи, да се исправи и се бориме да го добиеме тоа кое нас ни е заслужено многу одамна, а тоа е конечно почеток на преговори со ЕУ и членство“, рече Мицкоски.
Посочи дека владата е подготвена да разговара за секој конструктивен предлог кој е во насока на членство на Македонија во ЕУ, а кој не ги загрозува идентитетските и суштинските карактеристики.
Ова доаѓа откако заменик министерот за надворешни работи, Зоран Димитровски кажа дека европски центри прават притисок врз Бугарија да вети дека нема да поставува билатерлани условувања во понатамошниот пат на Македонија кон полноправно членство во Европската унија.
