„ВО МОИТЕ ДВА МАНДАТИ КАКО СОВЕТНИК, ВМРО-ДПМНЕ НИТУ ЕДНАШ НЕ ГЛАСАШЕ ЗА ОТПОЧНУВАЊЕ НА БРТ“: Трајановски вели „сега се негови реализатори“
Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на Скопје од ГРОМ, обвини дека проектот за брз автобуски превоз (БРТ) бил блокиран пет години поради политички причини, наместо поради реални слабости.
Во објава на социјалните мрежи, Трајановски посочува дека отпочнувањето на проектот во 2026 година, наместо во 2021, е доказ дека политиката не се води во интерес на граѓаните.
– Во моите два мандати како советник во Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ ниту еднаш не гласаше за отпочнување на БРТ. Денес, тие што беа против, се негови реализатори – наведува Трајановски.
Тој смета дека проблемот не бил самиот проект, туку тоа кој го предложил и во чиј мандат требало да се реализира.
Според него, одложувањето имало и директна финансиска цена за граѓаните. Потсетува дека кредитот од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, земен во 2021 година, стоел неискористен, додека се плаќала камата од околу 330.000 евра годишно.
– За пет години тоа се 1,65 милиони евра, што е еквивалент на шест нови електрични или девет класични автобуси – истакнува Трајановски.
Тој додава дека станува збор за кредитни средства што ги плаќаат граѓаните, оценувајќи дека „инатот“ околу проектот ги чинел скопјани пари без да добијат услуга.
