Во Македонија влегува лек кој ќе овозможи работоспособност на заболените од мултиплекс склероза
Министерството за здравство и Фондот за здравство започнаа соработка со компанијата „Рош“ и постапка за набавка на лекот Ocrevus за болните во Македонија од мултиплекс склероза.
Овој лек е исклучително ефикасен и кај возрасната група од 20 до 40 години, која најчесто заболува од оваа болест, овозможува одржување на работоспособноста.
Во Македонија има повеќе од 1.200 заболени од мултиплекс склероза, а за почеток лекот ќе биде набавен за 13 пациенти на Клиниката за неврологија, Скопје.Понатамошна цел е тој да биде достапен за сите на кои може да им биде потребен во Македонија.

„Ocrevus е развиван од „Рош“ во последните 25 години, а во Европа е дозволен од јануари“ изјави проф. д-р. Томас Бергер од Медицинскиот факултет во Инсбрук, Австрија.
Одобрен е во 60 земји и веќе лекува 40.000 пациенти низ светот. За прв пат пациентите не мора да мислат секојдневно или секоја недела за својата терапија, бидејќи Ocrevus се администрира на секои шест месеци по пат на интравенска инфузија, што веќе е овозможено на Клиниката за неврологија. Таканаречените „релапси“ или влошувања кај пациентите со овој лек ќе бидат отстранети.

„Мултипла склероза е хронична и инвалидизирачка болест, но овој лек ја забавува нејзината прогресија и ја одржува работоспособноста. Ова е прв и единствен лек одобрен во светот за третман на лица во рана фаза на примарно прогресивна мултипла склероза“ рече д-р Иван Барбов, специјалист по неврологија и директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, Скопје.
