Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВО МАКЕДОНИЈА ПОВТОРНО НОВИ ХОСПИТАЛИЗАЦИИ: За 24 часа примени 105 пациенти, најмногу во тетовската болница

ВО МАКЕДОНИЈА ПОВТОРНО НОВИ ХОСПИТАЛИЗАЦИИ: За 24 часа примени 105 пациенти, најмногу во тетовската болница

Иако делта варијантата не е се уште доминантен сој на корона вирусот во Македонија, бројот на позитивни со корона вирусот е во пораст, но тоа што повеќе загрижува е што во изминативе денови има нови хоспитализации. Од Министерството за здравство за Фактор потврдуваат дека само во последните 24 часа има 105 пациенти кои се примени во болниците ширум земјава.

-По подолго време повторно имаме нови хоспитализации. Најголем број пациенти се примени во Клиничката болница Тетово, каде се згрижени 32. На Клиниката за инфективни болести во последното деноноќие се донесени 20 пациени, а исто толку и во болницата во Гостивар. Во кумановската болница има 10 нови хоспитализации, во Струмица 7, во Припеп 6, во Клиничката болница Штип 4 и по еден пациент во Велес и во Струга, велат од Министерството за здравство за Фактор.

Оттаму посочуваат дека најголемиот број од позитивните немаат тешки форми на болеста, напротив, повеќето од нив се дури асимптоматски. Вкупниот број на активни случаи во земјава е 770, а Тетово и покрај тоа што има 10 пати помал број на жители од Скопје е на врвот со највисок број активни, дури 229.

Според последниот податок, заклучно со вчерашниот ден во Македонија инциденцата за изминатите 14 дена е 36 на 100.000 жители.

Министерството за здравство ќе излезе и со дополнителни анализи во однос на тоа колку од новозаразените се вакцинирани, дали се само со една доза или пак се целосно имунизирани.

Инаку, досега во Македонија вкупно се аплицирани 932.603 дози, од кои ревакцинирани се 409.186 граѓани.

Со последните бројки 65% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 62% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 57% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 47% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Анита Буховски


Слично

Поврзани вести