Во Катастар „фрчат“ казни за пропаднатиот тендер за земјиштето во Центар
Според него, превидот е отстранет и веќе се издадени точни податоци до Министерството за транспорт и врски, а дигитализацијата на катастарските планови која треба да заврши до крајот на годинава е клучна за во иднина да не се случуваат вакви грешки.
Согласно Законот за државни службеници, против сите за кои ќе се утврди дека имаат одговорност за овој случај ќе биде покрената дисциплинска постапка која може да резултира со казни - од 20 проценти од плата па до отказ од работа, вели Трпевски.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска ја повика Агенцијата за катастар на недвижности да преземе соодветни мерки против вработените кои ја направиле грешката, бидејќи, како што рече, „не воведе во една непријатна ситуација и мене како ресорен министер, но пред се, Комисијата за јавни наддавања“.
Продажбата на државното земјиште во Маџир маало во Општина Центар, каде што требаше да се гради хотел во барок-стил, е поништена поради пропуст во Катастарот, откако било утврдено дека дел од земјиштето кое било огласено и лицитирано е во приватна сопственост на физички лица. Сопствениците самите се јавиле во Министерството и понудиле докази дека имотот им бил вратен со денационализација.
Ова градежна парцела на тендерот минатата недела ја купи единствениот понудувач – Друштвото за трговија промет и услуги „Амадеус Стоун ДООЕЛ“ од Скопје, а продажбата предизвика реакции во јавноста поради ниската постигната цена од 71 денар за квадратен метар.