ВО ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“ ДРАСТИЧНО НАМАЛЕН БРОЈОТ НА ПАЦИЕНТИТЕ: Болницата се реорганизира и за пациенти кои немаат ковид
Во ГОБ „8 Септември“ како најголем Ковид центар во земјата ја нема повеќе онаа бројка од 170 тешко болни пациенти. Во моментов бројот изнесува само 74, но раководството на болницата настојува бројот на хоспитализирани да го сведе на само 55 со цел оваа здравствена установа да почне да фунционира целосно, не само за пациентите заболени од корона вирусотт.
- Правиме една голема реорганизација во ГОБ „8 Септември“. Ќе има нов тријажен центар за позитивните на Ковид-19, а овој што во моментов функционира како таков ќе се биде Ургентен центар за сите останати пациенти. Планираме од почетокот на септември, конкретно од 1.септември едно одделение, Одделение за интензивна нега со 55 болнички кревети да биде исклучиво за пациенти заразени со Ковид-19, а останатиот дел од болницата да фунционира за сите останати граѓани кои имаат потреба од здравствена нега, прегледи, хоспитализации, оперативни зафати и така натаму. Добро е што тоа одделение за интензивна нега е сосема одвоено и изолирано, така што не постои ризик од мешање на пациентите кои имаат ковид и кои не се позитивни на вирусот, вели денеска за Фактор, директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р. Христијан Костов.
Намалениот број на пациенти го појаснува со фактот дека во последниов период иако се уште има во просек по околу 10 хоспитализирања, има и голем број испишани пациенти кои успешно се избориле со болеста. Исто така, вели и дека во ГОБ „8 Септември“ бројот на пациенти е и намален зошто во помалите градови добро функционираат тамошните Ковид-центри.
-Би сакал да напоменам дека од оваа болница заминаа 10 пациенти со најтешка клиничка слика, со сатурација 30, од кои 3 беа на респираторни апарати, а останатите 7 на сипа. Тука се уште се носат најтешко болните, но и Ковид-центрите во останатите градови си ги преземаат своите пациенти, заради што видно е намален бројот во оваа болница. Сепак, мора да истакнам дека доколку повторно има силен бран на корона вирусот, и ако Владата и Министерството за здравство доинесат одлука, тогаш ГОБ „8 Септември“ повторно ќе биде на располагање со сите свои капацитети и можности, вели д-р. Костов.
Анита Буховски