Во фасадата на Министерството за правда „летнаа“ уште 440 илјади евра!
Нови над 440 илјади евра ќе завршат во фасадата на Министерството за правда, откако ова Министерство денеска склучи два дополнителни договори со италијанската фирма „Ламоне Мореда“ за надворешниот изглед на зградата.
Договорите се склучени без претходно објавување јавен оглас, а како причина за тоа се наведува што „таквите дополнителни работи или услуги не можат да бидат технички или економски одделени од основниот договор без поголеми проблеми за договорниот орган“.
Двата договора се за реконструкција и адаптација на северна фасада и реконструкција и доградба на дел од просториите на објектот на Министерство за правда. Вредноста на едниот со ДДВ изнесува речиси 288 илјади, а на другиот - 154 илјади евра.
Новата фасада на Министерството за правда, според првичниот договор, требаше да чини 2,9 милиони евра, но извесно е дека оваа сума се надминува. Италијанската фирма „Ламоне Мореда“ во октомври беше избрана за изведувач на проектот, во конкуренција на уште четири други фирми, а и беа дадени 10 месеци да ја заврши фасадата во барок стил.
Пред една недела и Министерството за култура склучи нов договор со истата италијанска фирма за изведување на дополнителни и непредвидени работи на објектот Стар театар во Скопје.
Вредноста на овој договор изнесува речиси 367 илјади евра, а повеќе информации за ова во следниот текст:
И по црвената лента, Стариот театар уште се гради?
Слично
