ВО ЕВРОПА ГО ОБОЖАВААТ, А ЖИТЕЛИТЕ НА НОВ ЗЕЛАНД СЕ РЕКОРДЕРИ: Колкави количини сладолед консумираат Македонците?
Македонските граѓани многу помалку јадат сладолед за разлика од луѓето во европските земји. Дека Македонците не се големи љубители на сладолед покажуваат статистиките.
Македонските домаќинства во 2024 година според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) консумирале по 4.2 килограми сладолед. Во многу европски земји, едно лице јаде два или трипати повеќе слaдолед од просекот на македонско домаќинство.
„Проблемот е што кај нас сладоледот се консумира сезонски, 3-4 месеци се јаде во годината и толку е. Во европските земји сладоледот се јаде во текот на целата година. Навиките на народот се такви“, вели Кирил Иванов, слаткар и шеф на кујна.
Во 2023 година, количината на консумиран сладолед по домаќинство во земјава била 3.7 килограми, во 2022 година била 3.4 килограми, во 2021 година изнесувала 4 килограми, а во 2020 година 4.4 килограми. Во 2019 година македонските домаќинства во просек јаделе по 3.1 килограм сладолед, а во 2018 година 3.2 килограми. Во годините претходно, количините на потрошен сладолед по домаќинство се движеле од 2 до 3 килограми. Потрошувачката на сладолед по глава на жител во балканскиот регион е генерално пониска од просекот на Европската Унија(ЕУ).
Според најновите податоци на worldpopulationreview, на светско ниво Нов Зеланд е на врвот со 28.4 килограми просечна консумација на сладолед по лице. Во САД просекот по лице е 20.08 килограми, во Австралија е 18 килограми, во Финска 14.2 килограми, во Шведска е 12 килограми. Канада е меѓу првите, со 10.6 килограми потрошен сладолед по лице. Италијанците во просек јадат по 8 килограми сладолед годишно. Наведено е дека Кина, Бразил и Индија бележат зголемување на потрошувачката на сладолед.

„Дури и во овој период има долги редици пред продавниците за сладолед. Присутен е во супермаркетите преку целата година. Лично, јас не јадам сладолед во зима, туку го јадам само во лето, но, многумина го консумираат во текот на целата година“, вели Вилма Коеро Борга од Торино, Италија за Фактор, за навиките на Италијанците.
Други статистиките податоци, укажуваат дека во Европа, Белгијците се едни од најголемите љубители на сладоледот, односно просечно еден жител јаде по16 килограми сладолед годишно.
Сања Атанасовска