Во фотелјите на ДИК ќе седнат нови „фаци“ ама само на шест месеци
Привремен мандат од шест месеци ќе добијат новите членови на ДИК.
Преку Службен весник Собранието објави оглас за нови членови кои ќе бидат само привремен состав.
Се подготвува терен за новото изборно законодавство кое ќе го опфати и ДИК.
Одлуката за распишување на огласот се однесува на избор на претседател, заменик-претседател и петмина членови на Комисијата. Огласот трае осум дена од денот на објавување во Службен весник.
Откако ќе заврши огласот собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата треба да подготви предлог листа.
По завршувањето на огласот собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата треба да подготви предлог листа.
Претседателот на Собранието ги известува партиите што освоиле најмногу гласови на последните избори во рок од три дена од денот на приемот на известувањето да му достават предлог за членови на ДИК.
Претседателот на привремениот состав и двајца членови на ДИК ќе треба да го делегира опозицијата, а партиите на власт да предложат потпретседател и тројца членови.
Членовите на ДИК ќе ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Кои се условите ?
Лицето кое ќе биде избрано за член на ДИК треба да е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во земјата, да има завршено високо образование со најмалку осум години работно искуство и да не е член на орган на политичка партија.
На избраните претседател, потпретседател и членови на Комисијата од денот на изборот работниот однос ќе им мирува.
Засега нема информации кој ќе биде во составот на ова привремено изборно тело.
