Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во чест на великанот Блаже Конески, Прва зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ: Ректорот Јанкуловски ќе се обрати пред 52 учесници од 16 земји

Во чест на великанот Блаже Конески, Прва зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ: Ректорот Јанкуловски ќе се обрати пред 52 учесници од 16 земји

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), како една од релевантните институции што се дел од националната платформа за одбележување на 100-годишнината од раѓање на Блаже Конески, ја започне новата или Блажевата 2021 со новини токму во чест на тоа одбележување. Иницијативата за националната платформа е со цел да се усогласат сите проекти и настани предвидени на национално и на меѓународно ниво во чест на великиот Конески и таа доаѓа од двете министерства, Министерството за култура и Министерството за образование и наука. 

ПРВАТА ЗИМСКА ШКОЛА на МСМЈЛК, ќе се одвива на далечина (онлајн) преку зум платформата во времетраење од десет работни денови (секој ден по 4 часа), во периодот од 25 јануари до 5 февруари 2021 година (со вкупен фонд од 40 часа) е вистински влог во отпочнувањето на прославата на овој голем јубилеј. На првата зимска школа ќе учествуваат 52 учесници од 16 земји (Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грција, Италија, Канада, Косово, Полска, Руска Федерација, Соединети Американски Држави, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешка). 

За наставата на оваа ПРВА ЗИМСКА ШКОЛА на МСМЈЛК при УКИМ ангажирани се лектори (предавачи и професори) со долгогодишно искуство. Притоа организирани се лекторски групи за сите нивоа (почетно, средно и напреднато и тоа напреднатото ги има и своите поднивоа, за јазик, литература и преведување). За своето учество посетувачите на зимската школа ќе добијат и Уверение со што тие имаат можност да влезат во самата историја како први учесници на една ваква зимска школа намеѓународниот семинар. 

На отворањето на првата зимска школа пригодни видео-обраќања ќе имаат претседателот на Р Северна Македонија, г. Стево Пендаровски и министерката за образование и наука, г-ѓа Мила Царовска. Додека поздравна реч ќе имаат ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.


Слично

Поврзани вести