Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во Центар се бркаа бездомници од напуштени куќи

Во Центар се бркаа бездомници од напуштени куќи

Инспекциските служби на Општина Центар почнаа со расчистување на два напуштени објекта на улиците Тетовска број 20 во Ново Маало и Владимир Полежиновски број 7, во близина на ТЦ „Буњаковец“, соопштија денеска од локалната самоуправа.

- На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи се иселени бездомните лица затекнати во руинираниот објект по што почна расчистување на сметот во и околу куќата - појаснија од Општината.

Интервенцијата била извршена по пријава и барање на жителите од околните згради поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.

- На втората локација во „Буњаковец“, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот што е претворен во мини депонија - информираа од локалната самоуправа.

Ова не е првпат инспекциските служби на Општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите.

- И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно-правни односи. Иако со сопствениците е стапено во контакт, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност - посочија од Општина Центар.

Во изјавата на градоначалникот Горан Герасимовски се наведува дека ваквите објекти, каде што се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје туку и се реална опасност за околината.

- Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме - порача Герасимовски.


Слично

Поврзани вести